Search

Европските метрополи повторно во карантин

Eвропските метрополи – Мадрид, Париз, Лондон, како и десетици други градови низ ЕУ – од оваа недела повторно се под строг режим на ограничено движење на населението поради ширењето на епидемијата на коронавирус.

Францускиот претседател Емануел Макрон најави повторно воведување на вонредна состојба и полициски час, од 21 до 6 часот наутро, во девет градови со цел да се сузбие епидемијата.

„Мораме да реагираме“, рече Макрон, нагласувајќи дека Франција не ја изгубила контролата над коронавирусот, но дека ситуацијата е загрижувачка.

Во Шпанија, по објавувањето на „алармантната состојба“, забрането е движењето на жителите на Мадрид внатре и надвор од главниот град, доколку не е потребно, објави Синхуа.

Британската влада објави дека на жителите на Лондон ќе им биде забрането да се собираат во следните шест недели, почнувајќи од сабота.

„Во борбата против коронавирусот за Лондон, ова е клучен момент“, рече градоначалникот Садик Кан.

Германската канцеларка Ангела Меркел и премиерите на 16 провинции се согласија да ги засилат мерките во врска со задолжителното носење маски и затворањето на баровите во областите каде што е забележано ширење на вирусот.

„Она што ќе го направиме во наредните денови и недели ќе биде одлучувачко за тоа како ќе поминеме низ пандемијата“, рече Меркел на прес-конференција.

„Ние сме многу поблиску до друг карантин отколку што сакаме да веруваме“, рече премиерот на Баварија, Маркус Зедер и предупреди: „Можеби не е пет до 12, можеби веќе дојде 12 часот“.

Канцеларката изјави дека ефективноста на мерките ќе се оценува континуирано и дека може да следат нови, пренесува „Ројтерс“.

„Ќе видиме дали денешните одлуки се доволни. Мојата загриженост не помина“, рече Меркел.

Во Италија, во средата беше забележан рекорден пораст на бројот на заразени лица од почетокот на пандемијата во март – има вкупно 7.332, но односот помеѓу бројот на тестирани и заразени е низок процентуално.

Во оваа фаза, особено загрижува е состојбата во северната провинција Ломбардија, каде има повеќе од 1.800 новоинфицирани за еден ден, од кои 1.032 беа нови случаи само во Милано. Координаторот на одделението за интензивна нега во Ломбардија, д-р Антонио Песенти, тврди дека не е исклучена можноста за воведување карантин за Милано.

Треба да знаете
Последни објави