Search

Европската унија воведе санкции за три компании поради продажба на оружје на Либија

Европската унија вчера воведе санкции за три компании кои биле вмешани во кршење на ембаргото на ОН за продажба на оружје на Либија, а Турција веднаш ја осуди одлуката.

Покрај турската компанија Аврасја Шипинг, санкционирани се уште две, јорданската Мед Вејв Шипинг и казахстанската Сигма Ерлајнс, се вели во соопштението на ЕУ и се додава дека се санкционирани и двајца Либијци.

Одлуката била донесена во петокот на ниво на амбасадори и била одобрена на вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи во Брисел.

Против санкционираните компании и поединци биле презентирани убедливи докази.

Нивните средства во ЕУ ќе бидат замрзнати и повеќе нема да можат да работат со компании од ЕУ ниту да имаат пристап до европските финансиски пазари.

Одлуката покажува дека „ЕУ стратешки го користи режимот на санкции и е способна да одговори на ситуацијата на терен за да го поддржи политичкиот процес и да ги одврати минатите и сегашните сторители на нови прекршоци”, се вели во соопштението на ЕУ.

ЕУ организира поморска операција Ирини со цел да го контролира почитувањето на ембаргото на ОН. Операцијата овозможи да се „документираат” бројните турски кршења на ембаргото, посочуваат европски дипломати.

Овие прекршувања „го поткопуваат политичкиот процес воспоставен за запирање на конфликтот во Либија”, рекоа тие во Брисел.

Сите докази за овие прекршувања се предадени на ОН, кои исто така можат да воведат санкции.

Турција веднаш ја осуди одлуката.

– Во време кога се прават напори да се намалат тензиите во источниот дел на Средоземното Море, носењето толку погрешна одлука е навистина жално, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи и се додава дека европската иницијатива „нема никаква вредност” во нивните очи.

Во Либија за власт се борат Владата на национално единство призната од ОН (ГНА) со седиште во Триполи и генералот Калифа Хафтар, која има контрола на исток и дел на југот.

Првите ги поддржува Турција, која има своја војска таму, а вторите соседните Египет, Обединетите Арапски Емирати и Русија.

Треба да знаете
Последни објави