Search

Европратениците не ја прифатија француската кандидатка Гулар за еврокомесар

– Европратениците денеска не ја прифатија француската кандидатка за комесар во идната Европска комисија, Силви Гулар.
Од европратениците кои беа повикани да гласаат, 82 гласаа против, 29 беа „за” и еден воздржан.
Против Гулар се водат две истраги, една во француските судови, а втората во Канцеларијата на ЕУ за борба против измама, околу нејзина вмешаност во систем на фиктивни работи за својата партија МоДем во Европскиот парламент.
Гулар, која е блиска со францускиот претседател Емануел Макрон, беше номинирана за комесарка за надзор на европскиот внатрешен пазар од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Таа не успеа да ги убеди членовите на Европскиот парламент кои ја испитуваа во врска со со тврдењата дека злоупотребила средства и давала консултации за Американскиот институт додека служела во Европскиот парламент.

Гулар е третиот кандидат за комесар кој европските пратеници не го прифатија поради сомневање за судир на интереси. Претходно беа одбиени кандидатите на Унгарија и Романија, Ласло Трочањ и Романа Плумб.

Француското претседателство го осуди отфрлањето на кандидатката на Париз за еврокомесар Силви Гулар од страна на членовите на Европскиот парламент, нарекувајќи го овој потег „политичка игра”.

Од Претседателството на Макрон соопштија дека гласањето против Гулар „има влијание на целата Европска комисија (ЕК)” и дека претседателот Макрон за овој проблем ќе разговара со Фон дер Лајен.

Треба да знаете
Последни објави