Search

Европол отвори канцеларија за врски во Тирана

Албанија стана прва земја во регионот каде Европската полициска агенција – Европол има своја канцеларија.

На денешната свеченост по повод отворањето на канцеларијата за офицери за врски на Европол, албанскиот министер за внатрешни работи, Сандер Леши рече дека „продлабочувањето на интеграцијата и слободното движење не става пред предизвиците за зајакнување на безбедноста”.

Споменувајќи го овој чин, како и присутвото на припадниците на Фронтекс на албанско-грчката граница, Леши оцени дека „де факто” Албанија е интегрирана во ЕУ.

-Отворањето на канцеларијата на Европол во Тирана е многу важен и позитивен настан. Во последните 10 години бројот на луѓе кои ги преминуваат границите на Република Албанија е зголемен за 160 отсто, тенденција која продолжува со истата стапка на раст. Оваа бројка е доволна за да се покаже извонредното ниво на движење на луѓе и стоки. Продлабочувањето на интеграција не е закана за безбедноста, туку ја зајакнува, но под еден услов. Продлабочувањето на интеграцијата треба да биде придружено со незапирлив раст и постојана размена на соработка и информации. Ние треба да обезбедиме ова да не се случува само на ниво на политички изјави, туку и во секојдневната практика, изјави Леши.

Генралниот директор на албанската полиција Арди Велиу изјави дека борбата против организираниот криминал нема да успее доколку не се соработува со меѓународните организации.

-Соработката е неопходна за да се создаде поголема безбедност. Полицијата придонесе за зголемување на безбедноста во земјата. Европол има за цел да ја подобри соработката меѓу агенциите за спроведување на законот против организираниот криминал. Во текот на 2018 година албанската полиција учествуваше во осум, а само во текот на овој месец во три меѓународн акции спроведени од Европол, нагласи Велиу.

На свеченоста присуствуваа амбасадорот на ЕУ во Тирана и извршната директорка на Европол.

Треба да знаете
Последни објави