Search

Европарламентот ги избра комисиските претседатели, екстремната десница исклучена

Новите европратеници вчера ги избраа претседателите на парламентарните комисии во новиот состав на Европскиот Парламент, како и повеќето потпретседатели. Санитарниот кордон против партиите од екстремната десница е активиран за да се спречат овие пратеници да добијат раководни функции.

Претседателите и потпретседателите на 20-те парламентарни комисии и двете поткомисии беа избрани вчера. Европратениците ги спречија нивните колеги од екстремната десница да седнат во претседателските комисиски фотелји, повикувајќи се на принципот на санитарен кордон.

Па така, на пример, во комисијата “Граѓански слободи и правда” (ЛИБЕ) за потпретседател е избран Пиетро Бартоло, од редовите на италијанските социјалисти, преку електронско гласање, за да се спречи назначувањето на пратеник од редовите на екстремно десната политичката група “Идентитет и демократија”.

Пратениците од крајната десница беа заобиколени и во три други комисии или поткомисии благодарение на санитарниот кордон, кој овозможува надгласување на кандидатот.

Пратениците од екстремната десница, од групата “Идентитет и демократија” беа исклучени од раководните позиции во комисиите за земјоделство, правни прашања како и од комисиите за меѓународна трговија, рибарство, уставни прашања, економски и монетарни прашања и буџетска контрола.

Групата “Идентитет и демократија” вчера го осуди овој чекор како “дискриминаторски”.

Серџио Гаруцо од оваа политичка група оцени дека станува збор за “арбитрарно однесување” и изрази жалење што Европскиот Парламент не предвидува гаранции за застапеност на политичките малцинства, за разлика од националните парламенти. Според Гаруцо, санитарниот кордон не се применува само кон екстремната десница туку и кон припадниците на владејачките партии во Унгарија и Полска.

 Па така, кандидатурата на поранешната полска премиерка, Беата Шидло, од владејачката „Права и правдина” (дел од европската политичка група на Европските конзервативци и реформатори -ЕКР, кои не се водат како крајна десница), која требаше да застане на чело на комисијата за труд и социјални прашања беше отфрлена вчера со 27 гласови против 21.

Идната недела ќе се одржи вонредна седница за избор на претседателот и потпретседателите на оваа комисија и не се исклучува можноста групата да предложи помалку контроверзен кандидат од Шидло, која до скоро раководеше со влада која е на удар на Европската Комисија поради непочитување на владеењето на правото.

Шидло, сепак, не е единствена припадничка на нејзината група заобиколена преку санитарниот кордон, слична ситуација се појави и во комисијата за земјоделство со пратеничка од шпанската партија Вокс, која членува во ЕКР.

Прашање е како ќе се решат прашањата со назначувањата на контроверзните кандидати со оглед на тоа дека во случај да биде повторно отфрлен на ЕКР, тоа ќе биде знак дека санитарниот кордон се проширува и на партии кои не се строго екстремна десница. Имено, вчера се појавија проблеми и со назначувањето на пратеничка од редовите на унгарската Фидес, на премиерот Орбан, која е член на демохристијанската Европска народна партија.

Истовремено, гласовите на членовите на ЕКР се важни за да се обезбеди мнозинство за гласањето на новата претседателка на Европската Комисија, Урсула Фондер Лајен од редовите на ЕПП. 

Треба да знаете
Последни објави