Search

Европарламентот бара отворање на преговорите со Скопје и Тирана во март

Нацрт-препораката на Европскиот Парламент до земјите-членки до кој дојде МИА бара од земјите-членки веднаш да ги започнат преговорите со Северна Македонија и Албанија и да ги признаат негативните последици од октомвриското одлагање на одлуката.

Нацрт резолуцијата е напишана од Тонино Пицула, известувачот на Европскиот Парламент за загрепскиот самит ЕУ – Западен Балкан што ќе се одржи во мај и треба да биде усвоена пред мартовскиот самит на Европската Унија.

Оваа резолуција е одговор на Европарламентот на новата методологија на Европската Комисија за пристапните преговори. Европратениците од комисијата за надворешни работи бараат да биде јасно дека новата методологија води до полноправно членство во Европската Унија и да се држи до јасни и предвидливи критериуми за да го поправи оштетениот кредибилитет на Унијата.

Европскиот Парламент потсетува дека земјите треба да се вреднуваат според сопствените заслуги.

Текстот на нацрт резолуцијата експлицитно бара да се „признаат негативните последици од неуспехот на Европскиот Совет да отвори преговори со Албанија и Северна Македонија во 2019 и да признае дека отворањето преговори ќе го поврати кредибилитетот на пристапниот процес”.

Европратениците сметаат дека преговорите со Скопје и Тирана треба „веднаш” да се отворат, односно на следниот самит на ЕУ во март.

Парламентот го поддржува принципот поглавјата за правда и владеење на правото да продолжат да бидат први отворени и последни затворени во новата методологија.

За пратениците е важно генерално во регионот да се најде решение за политичката поларизација, парламентарните бојкоти и да се зајакне парламентарниот надзор.

Според дипломатите во Брисел, претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел е решен да добие зелено светло од земјите членки за почеток на преговорите за Северна Македонија и Албанија во март, и со тоа да избегне темата да се наметне за време на загрепскиот самит. Надежта кај поддржувачите на проширувањето е дека Мишел, со оглед на тоа дека е од истата политичка партија како и францускиот претседател Емануел Макрон, ќе може позитивно да влијае врз него.

В недела сите шефови на држави и влади од регионот се поканети на официјална вечера кај Мишел. Форматот ќе биде ист како и за земјите членки на ЕУ, со што Европскиот Совет сака да ја нагласи важноста на западниот Балкан за Европската Унија.

Треба да знаете
Последни објави