Search

Еврогрупата ќе разговара за буџетскиот капацитет на еврозоната

Министрите за финансии на земјите членки на еврозоната денеска во рамки на Европгрупата ќе разговараат за економската состојба во ЕУ и за идниот буџетски капацитет на еврозоната, тие потоа ќе се состанат со останатите министри од ЕУ кои не се дел од еврозоната, но без Британија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Деветнаесетте министри за финансии на еврозоната попладнево прво ќе разговараат за економската состојба во нивните земји, врз основа на последните економски предвидувања на Европската Комисија. На почетокот на мај, таа најави дека очекува забавување на економскиот раст во текот на оваа година.

По ова, ќе се придружат останатите министри за финансии од ЕУ кои не се членки на еврозоната, но без британскиот министер, за да разговараат за идниот буџетски капацитет на еврозоната.

Земјите членки треба до крајот на јуни да изготват детален план за буџетскиот капацитет, но сѐ уште постојат несогласувања, меѓу другото во делот на расходите и на управувањето.

Министрите денеска планираат да дебатираат за финансирањето на овој буџет, тема околу која исто така постојат несогласувања меѓу земјите. Од една страна Берлин и Париз размислуваат за нови извори на финансирање на буџетот како на пример данок врз финансиските трансакции, нешто што е неприфатливо за земји како Холандија.

Иако се очекува да се отвори темата за износот на овој иден буџет, нема да има конкретни предлози денеска. Оваа дискусија е оставена за понатаму, во рамки на дебатите за повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ по 2020 година.

Треба да знаете
Последни објави