Search

Евровизиска драма: Како се врши бодувањето и зошто дојде до пресврт во финишот?

Драматичниот финиш на годинашниот Избор за песна на Евровизија во кој до последна секунда не се знаеше победникот, збуни многу гледачи ширум Европа и светот.

 

По гласањето на стручните жирија, Северна Македонија и Шведска беа на врвот на листата, а со гласовите од публиката сѐ се промени и победата ја однесе претставникот на Холандија.

Претставничката на Северна Македонија, Тамара Тодевска, со песната „Proud“ го освои осмото место, што беше најголем успех на земјата откако учествува на Евровизија од 1998 година.

Како всушност функционира доделувањето на бодови и гласањето на Евровизија:

Бодување

Бодувањето е воведено во 1975 година. На првопласираната земја ѝ се доделуваат 12 бода, на второпласираната 10, на третата 8 и така натаму. Од почетокот на натпреварот до крајот на 90-тите, бодовите ги доделуваше исклучиво жирито, а потоа беше воведено и гласање од публиката.

Промена на правилата

Во 2009 година повторно се сменија правилата, па натпреварувачите можеа да добијат бодови од жирито и од публиката во еднаков размер. Тоа беше воведено за да се стави крај на „добрососедското гласање“ и да се направи шоуто поинтересно. Годинашниот голем пресврт во финишот на финалето беше доказ дека ваквата промена на правилата навистина го „зачини“ евровизискиот рецепт.

Гласање

Секоја земја учесничка има стручно жири составено од поединци кои се претставници од областа на радио, телевизија и музичката индустрија. Претседател на стручното жири за Северна Македонија беше Сузана Стефановска, а членови се Фјола Исмаили, Роберт Вукелиќ, ди-џеј Тина и Ристо Апостолов.

Врз основа на гласовите на жирито се прави попис на бодовите и се доделуваат од 1 до 12 гласови на 10 најдобри песни според нив. На ист начин се составува пописот на бодови од телефонското гласање.

Ако се случи две песни да имаат ист број на гласови, предност има онаа која имала повеќе гласови од публиката.

Годинава токму тие гласови беа пресудни. Иако Северна Македонија (239) и Шведска (237) имаа повеќе бодови од Холандија (231), на крајот добија помалку гласови од публиката и тоа ги чинеше победа на Евровизија 2019.

Шведска од публиката доби 93 бода, а Македонија 58, додека победникот од Холандија доби 261 бод.

Треба да знаете
Последни објави