Search

Евреите не се чувствуваат безбедно во Германија, покажува истражување на ЕУ

Нова студија на ЕУ за антисемитизмот во Европа покажува дека Евреите најмалку безбедно се чувствуваат во Франција и Германија, поради што сѐ повеќе луѓе размислуваат да ја напуштат Европа.

Дури 93 отсто од Евреите истакнале дека во изминатите пет години се соочуваат со омраза во Франција, а 89 отсто во Германија.

Од нив 85% велат дека антисемитизмот во ЕУ е голем проблем за општеството.

Најголема загриженост покажале Евреите во Франција (95 проценти), потоа Евреите во Германија (85 проценти), а најмалку се загрижени оние кои живеат во Данска (56 проценти).

Студијата, исто така, покажува дека Евреите во Германија се соочиле со најголем број антисемитски напади.

Така, 41 отсто од Евреите изјавиле дека минатата година се соочиле со искуство на антисемитизам, што е далеку над просекот на ЕУ од 28 проценти.

Поради тоа, 75 отсто од Евреите во Германија навеле дека сѐ почесто избегнуваат да носат еврејски симболи во јавнос, а 46 отсто од нив посочиле дека избегнуваат да се движат во одредени делови на градовите во кои живеат.

Претставникот на германската влада за борба против антиземитизмот, Феликс Клајн, е шокиран од резултатите од истражувањето.

„Фактот дека Евреите поради страв од напади избегнуваат одредени делови од земјата го сметам за алармантен сигнал“, рече Клајн, најавувајќи борбата против таквата состојба.

Поради актуелната ситуација во Европа, сѐ поголем број Евреи размислуваат да ја напуштат ЕУ, а во Германија и Франција ваквиот процент изнесува 44 отсто.

Треба да знаете
Последни објави