Search

Ебле од ММФ: Затворањето на Еуростандард  покажа дека НБРСМ е подготвена да преземе навремени активности за да се обезбеди целокупната стабилност на финансискиот систем

НБРСМ е независна институција којашто има законски мандат да придонесува кон одржување на финансиската стабилност и да ги штити интересите на депонентите. Согласно со најдобрите меѓународни практики, обврските и овластувањата на НБРСМ вклучуваат одземање на дозволата на банка кога таа повеќе не ги исполнува условите за да ја задржи дозволата – што вклучува и непостапување по корективни мерки изречени од НБРСМ во претходно определен временски рок. Во случајот со Еуростандард банка, одлуката за одземање на дозволата била донесена откако НБРСМ утврдила дека капиталот на Банката паднал на многу ниско ниво што не ѝ дозволува да продолжи со своето работење – одлука донесена со цел да се заштитат интересите на депонентите и финансиската стабилност. Ова го истакнува регионалната резидентна претставничка на ММФ за Западен Балкан, Стефани Ебле, во интервју за „Капитал”.

-Затворањето на „Еуростандард банка” исто така јасно покажува дека, кога тоа е потребно, НБРСМ е подготвена да преземе навремени корективни супервизорски активности за да се обезбеди целокупната стабилност на финансискиот систем, што е охрабрувачки, оценува Ебле.

Во интервјуто таа посочува дека и понатаму треба да продолжат реформите за дополнително зајакнување на сигурносната мрежа на финансискиот сектор. Би било корисно ако овие реформи опфатат зајакнување на постојната законска рамка за решавање на банки, преку проширување на пакетот на инструменти на Народната банка.Во однос на банкарскиот систем, Ебле истакнува дека последните податоци покажуваат дека системот е добро капитализиран и профитабилен.

-Адекватноста на капиталот на системот, со состојба на крај од јуни 2020 година изнесуваше 17%, што е повеќе од двојно од минималните регулаторни барања согласно со глобално прифатените стандарди на Базел III. Нефункционалните кредити исто така продолжиле да се намалуваат и се на релативно ниско ниво од 4,5% од вкупните кредити, посочува резидентната претставничка на ММФ.

Притоа посочува и дека при намалување на економската активност предизвикано од пандемијата, супервизорот треба и понатаму да биде внимателен во врска со влошување на квалитетот на кредитите на ниво на системот во целина.

-Благодарение на адекватното ниво на девизни резерви и на ограничените инфлаторни притисоци, НБРСМ имаше простор во креирање на своите политики, којшто таа ефективно го искористи за поддршка на економијата. Поконкретно, таа ја намали основната каматна стапка и го намали износот на благајничките записи, што помогна да се ограничи зголемувањето на трошоците за позајмување и креираше ликвидност во економијата. Како резултат на тоа, кредитниот раст и понатаму е солиден и изнесува над 8% на годишно ниво во јули. Активностите во врска со монетарната политика беа дополнети со мерки за поддршка на финансискиот сектор, вклучително и времени промени на регулативата за управување со кредитниот ризик, со што се овозможи банките да ги преструктуираат кредитите и со тоа да им овозможат времено олеснување на финансискиот товар на кредитокорисниците засегнати од пандемијата, вели Ебле.

Интервјуто е достапно на следната врска: https://kapital.mk/mmf-veli-ke-imame-ushte-podlaboka-retsesija-od-5-5-godinava/

Треба да знаете
Последни објави