Search

Д-р Бошкоски: Во Италија неколку големи хотели станаа болници за ковид пациeнти

Доктор Иво Бошкоски лекар од Македонија пролетва заедно со неговиот тим беше топ тема во сите италијански медиуми. Имено, за време на екот на епидемијата на ковид 19 во средината на март имале многу комплициран случај на пациент со две трансплантации на црн дроб и комплетно затворање и раздвојување на жолчните патишта. Во меѓувреме ситуацијата со ковид 19 ескалира во скоро сите држави во светот. Драстично се зголемува бројот на заболени. 24 инфо го праша доктор Бошкоски како е во Италија во моментов, како се живее во време на корона кога во ек е вториот бран на ковид 19 и што ќе им препорача на нашите граѓани….

Ситуацијата со ковид 19 ескалира во скоро сите држави во светот. Драстично се зголемува бројот на заболени. Во моментов во Италија имаме драстично ширење на Ковид19, а сме само на почеток на есента. Доколку не добиеме вакцини ситуацијата може тотално да ескалира.

 Има ли доволно капацитети за хоспитализација ?
Во моментов се држиме некако иако дел од пациентите ги сместуваме во хотели кај што има и медицинска поддршка. Неколку големи хотели се трасформирани во „Ковид Хоспиталс“.

Донесени ли се одредени мерки од страна на Владата околу тоа како и каде се носат маски за работно време на кафетерии, трговски центри…
Носење на маска е задолжително насекаде и оваа одлука е скорешна. Да ја донесоа во мај и да важесе цело лето сега немаше да бидеме во оваа ситуација.

 Како се одвива животот на италијаните со оглед на тоа дека пролетнит бран беше многу голем, имаше многу заболени долго време бевте во карантин? Ја научија ли лекцијата дека мора да бидат претпазливи?


Лекцијата горе-доле ја научивме сите. Секако има многу луѓе коишто не веруваат во вирусот иако ситуацијата е очигледна. Голем дел од нив се на машини за дишење во моментов.

Дали болниците функционираат нормално и за останатите пациенти или се зависи од ковид заболените?
Во моментов се функционира нормално, иако сме под голем притисок. Вршиме нормални прегледи, нормални интервенции итн. Во март за споредба од сега се беше стопирано и работевме само итни случаи.

 Според вас се намалува ли бројот на тешки случаи на лица кои се заболени со ковид19?
Вирусот е истиот од март, и има ист вирулентен капацитет и исто и подеднакво ги напаѓа сите. Тоа што е сменето е начинот на којшто ги лечиме пациентите. Денес доволни се три лека коишто можат да се најдат во било која аптека: клексан, азитромицин и кортизон за полесните случиаи, додека моноклонални противтела, ремдесевир итн за потешки случаи.


Почна ли вакцинацијата за сезонски грип и каков е одзивот?

Да, почната е. Лица постари од 65 години или од било која возраст со минимум една патологија се вакцинираат со вакцина за сезонски грип и со вакцина анти-пнеумокок. Додека за медицински персонал се задолжителни.

Како функционира вашата болница има ли протокол при прием на пациенти?
Да имаме специјални протоколи. Кај пациенти што треба да се хоспитализираат секој пациент е тестиран со брис од нос и грло за Ковид пред хоспитализација и на отпуштање од болница. За пациенти што доаѓаат на рутински прегледи се прави серолошки тест со капка крв од прст.
 Некој коментар или препорака за македонските граѓани со оглед на тоа дека кај нас секој ден се зголемува бројот на заразени?


Единствено нешто е носење на маска, и избегнување на било каков вид на собири: фамилијарни, домашни прослави, кафеани и слично.

Валентина Ангеловска

Треба да знаете
Последни објави