Search

Др.Тихомир Цветковиќ: Најдобриот лек за алергија на сонце е превенција, а не лекување

Лето е, температурите се многу високи, УВ зрачењето исто така. Изгореници и алергии од сонце, но и од храна се неижбен дел од здравствените проблеми кои го следат овој период. Го прашавме д-р Тихомир Цветковиќ од „Дерма плус“ што им препорашува на граѓаните, како да се однесуваат на сонце? За 24 инфо Цветковиќ вели дека заштитата од сонцето треба да е неизбежен дел од нашето секојдневие. Тој апелира до пациентите дека таа не треба да се применува само сезонски туку во текот на целата година. Освен физичката заштита, како капа и светла облека, кремите со УВ заштита треба да станат здрава навика и да се користат правилно и често.

-Освен алергиите и изгорениците, како акутни проблеми предизвикани од хронична експозиција на сонце, мораме да го споменеме и УВ зрачењето кое директно влијае врз стареењето на кожата. На клеточно ниво, зрачењето влијае врз нормалните процеси во самата клетка и со тоа ги дестабилизира, каде конечниот резултат е нивна дегенерација. Прекинуваат процесите на создавање на колаген, кожата го губи еластицитетот, а  со тоа се зголемува и инциденцата на појава на брчки и фини бори. Освен ова, сонцето влијае и врз меланогенезата, односно, појавата на флеки, пеги и бемки.  Се ова претходно наброено е само еден дел од несаканите ефекти кои спаѓаат во групата на естетски компликации. Од друга страна, здравствените компликации вклучуваат појава на преканцерози, канцери и други малигни мутации. Малигниот меланом е најтешката форма на малиген тумор на кожата чија појава е директно условена од хронично сончево зрачење.

Малите деца и сончањето. Да или не и зошто?

Сонцето е природен извор на здравје и е потребно за правилен раст и развиток не само кај децата туку кај сите луѓе. За жал, детската кожа е многу по осетлива и во тој случај треба да се обрне особено внимание да не дојде до изгореници бидејќи сето тоа ќе се одрази во староста со брчки, флеки, бори, фото-оштетувања и во најлошиот случај меланом и карциноми на кожа.

Алергии од сонце. Што ако се појават и како да се надминат?

Алергија претставува имунолошки преосетливост на телото кон  некоја материја внесена од надворешната средина. Многу честа појава која, доколку не се третира навремено може да предизвика сериозни проблеми со здравјето. Постојат повеќе  форми на симптоми кои може да се јават на кожата како резултат на алергија. Разликите се условени од тоа каде и како е внесен алергенот. Доколку станува збор за контакт директен со кожата тогаш ке имаме црвенило и ситен осип кој чеша или пецка и доколку оваа изложеност прејде во хронична се јавува едно непријатно здебелување и појава на лушпи на тие места. Алергените внесени во телото преку храна, пијалок, суплемент, лек или токсин (оса, пчела, стршлен или бактерии) имаат друг тек на нештата и сосема други симптоми. Имено, овие алергии се манифестираат со појава на крупен, генерализиран, издигнат и розево-црвен осип кој наликува на ижуркано од коприва. Во најтешките случаи доаѓа до зафаќање и на слузниците во телото, пратени со оток при што може да настане гушење. Ваквата состојба ја нарекуваме анафилакса и е акутна медицинска состојба која бара посебен третман. Алергиските преосетливости се проверуваат преку крв или преку вршење на кожни алерготестови. Лекарства се користат само за смирување на симтпмите а лек за искоренување на алергии не постои. Преку гореспоменатите алерготестови се добива одлична претстава  за кој алерген станува збор и понатака се работи на превенција односно на избегнување на тој алерген за да не се јават повторно тие симптоми. Во текот на животот некои алергиски преосетливости може да ги снема или пак да се јават на нови алергени.

Најдобриот лек за многу нешта па така и за алергија на сонце е превенција, а не лекување. Креми со УВ фактор, заштитна облека и избегнување на силно сонце се најдобрите против-мери, но доколку веќе дојде до осип тогаш во третманот вклучуваме фармаколошки препарати како кортикостероидни креми или таблети и анти-хистамински препарати како Лоратадинот со цел да се намалат симтпмите на црвенило, вознемиреност и јадеж.

Бањање во базен и можност за кожни инфекции. Кој е ризикот и што се може да се јави како последица на ова,кои бактерии?

Бактериските инфекции од базен се релативно ретка состојба бидејќи за нив е потребна отворена рана или пак некоја влезна врата (усна шуплина, очи и слузници) за да направат симтпоми. Кожни манифестации скоро и да нема бидејќи доколку нема прекин во континуитетот на кожата тогаш природната бариера спречува контаминација. Но, доколку дојде до ова третманот е јасен, се применуваат соодветни локални или системски антибиотици препишани од лекар. Најчести вакви причинители се Е. цоли, цампѕлобацтер и схигелла. Габичните инфекции од друга страна се далеку по чести и во тој случај најдобро е веднаш по појавата на симтоми кои настанале после базен. Третманот е лесен, каде со препарати креми и малку дисциплина се постигнува одличен терапевтски одговор.

Во вашата ординација се прави и ласерско отстранување на влакна. За каква метода се работи?

Станува збор за релативно нова технологија каде преку точно калибриран ласерски зрак се прави уништување на коренот на влакното заедно со сите потпорни структури со што извесен временски период тоа исто влакно нема да порасне. Постојат повеќе стереотипи и скептицизам за оваа метода меѓутоа ласерската епилација претставува најбезбеден метод за отстранување на влакната и метод кој со себе носи најмалку несакани ефекти. Постојат повеќе типови на ласери кои ја вршат оваа цел, но како најуспешни и како најмодерни се споменуваат диодните ласери. Нивниот механизам на делување е многу софистициран, каде брановата должина на ласерскиот зрак е иста со брановата должина на бојата на влакното па така нема никакви несакани ефекти врз кожата (изгореници или зрачење). Комплетно е безбеден за секоја возраст и кожа со исклучок на црната раса. Возрасната граница вклучува минимум од некаде 20 години каде се претходно нема резон да се прави поради хормоналните промени кои отприлика до таа возраст се не дооформени. Горна граница нема, но затоа има преференца во однос на бојата на влакното. Генерално земено, на сите ласери најголем проблем се светлите тенките влакна. Поради едноставните физички закони, овие влакна тешко реагираат на ласерскиот зрак па така кај овие лица ефектите доаѓаат поспоро и потешко. Ласерскиот третман се прави на интервали и невозоможно е од само еден пат да ги добиеме саканите резултати. Просечно е потребно околу 4 третмани за да се постигне целосен ефект кој ќе трае некаде околу една цела година. Лекарска препорака е да се избегнува ласерска депилација во летниот период поради сончевото влијание врз кожата, како и локални воспалителни процеси во вид на инфекции или друг тип на болести (лихем псоријаза или атописки дерматит).

 

Треба да знаете
Последни објави