Search

Дроновите се поприсутни во економијата, нема кој да го обучува домашниот кадар

Тридимензионално мапирање е направено за пет дена на патот Кичево – Охрид, на потег во должина од 18 километри, за потребите на градежната компанија „Гранит”. За таква активност со класично геодетско снимање се потребни 45 дена. Заштедата на време е само дел од придобивките со примена на беспилотните летала, кои веќе стануваат алатка за поддршка на домашната економија. Главен проблем и натаму е тоа што нема кој да го обучува кадарот кој работи со дроновите. Немаме центар за обука, односно пилотите кои работат се самоуки и нелиценцирани. Се очекува проблемот да се надмине откако ќе биде донесена европската регулатива, која ќе ги унифицира лиценците и правилата во сите држави.

Горан Георгиевски, генерален директор на фирмата „Флај сенс”, за МИА вели дека има сè поголем интерес за користење дронови во градежништвото. Од следната година најавува пилот-проект во земјоделството. Индустријата со дроновите, вели, ќе расте и тие ќе бидат сè пополезни.

Ако градежните фирми пред две години барале класично снимање на прогресот на градба, сега има побарувачка на услуги за 3Д-мапирање.

– Веќе гледаат интерес во употребата на дроновите. Тоа оди многу бавно, бара многу труд, презентации, убедување, не е евтино како услуга, но полека, полека е неизбежно. Со текот на времето тоа мора да се интегрира. Нема друг начин. Како ќе расте технологијата, со текот на времето ќе станува поевтина, подостапна и употребата ќе се зголеми, вели Георгиевски.

Со мапирањето за кое биле ангажирани „Флај сенс” на патот Кичево – Охрид за пет дена е добиен 3Д-модел со облак од 204 м точки на коридор од 18 километри.

– Тука треба да се има предвид и изложувањето на ризик на геодетите за качување по сите тешко достапни места што ги бара градбата. Добиваме комплетна визуализација на теренот со огромен број точки. Сега можат реално да ја видат структурата на теренот и да се забележат аномалии, потенцира Георгиевски.

Со користење на податоците, како што вели, се намалуваат и времето и грешките при проектирање, односно нема веќе човечки фактор при проектирање и исцртување на основните проекти.

– Вакво мапирање во процес на тендерирање може да спаси многу големи финансии, да донесе клучни одлуки за тоа како и дали ќе се настапи на некое наддавање и да се повлечат црвени линии до каде би одело тоа наддавање за да не се доведеме во ситуација едно да проектираме, а при почетокот на изградбата да се наиде на некои пречки, кои многукратно ќе го зголемат буџетот за изведба на дел од трасата, појаснува Георгиевски.

Користењето на дроновите помага и за безбедноста на вработените.

– Нема потреба геометрите физички да ја посетата локацијата за да ја исчитаат со ГПС-рисивер. Не треба да има страв дека со доаѓањето на дроновите ќе се намалат секторите за геодезија, тврди Георгиевски и истакнува дека, напротив, дроновите се само алатка што ќе им помогне да бидат попродуктивни и со поголема ефикасност.

Мултиспектарна камера ќе мери стрес на земјоделски насади

Според него, употребата на дронови зема замав и во земјоделството. По Нова година, кога ќе почне растот на културите со помош на фондови или преку самофинасирање, планираат да почнат пилотирање за употреба на беспилотни летала во земјоделството.

– Ќе користиме специјална мултиспектарна камера, која го мониторира стресот на насадите без оглед која култура е. Ќе се регистрира дали е болна, зафатена од пир, дали е суша, дали има преголемо наводнување, дали работи системот капка по капка. Имаме термална камера, која може да го следи наводнувањето. Тие податоци ќе им бидат од колема корист на производителите правилно да ја менаџираат земјата што ја обработуваат, со тоа што скоро секогаш ќе има можност точно да ја проценат состојбата и според тоа правилно да реагираат, најавува Георгиевски.

Ваков тип следење на земјоделските површини, истакнува, драстично ќе го намали користењето на препаратите, што ќе придонесе да имаме што поквалитетен и поздрав производ, а воедно и да се заштити почвата.

Се претпоставува дека во наредните 25 години добивките во градежништвото од употребата на дроновите ќе бидат помеѓу 690 и 1.116 милиони долари.

– Ќе има многу придобивки во економијата. Целиот развој на индустријата со дронови е тие да станат алатка. Моментно се тестира транспорт на товар. Кога тоа ќе се воспостави како практика, ќе следува транспорт на луѓе. Дронот е веќе доведен до стадиум да биде доволно безбеден да транспортира луѓе. Затоа сè што е измислено досега како сензор и како алатка и инструмент се интегрира со дронот. Мобилноста и флексибилноста на дронот да ја поврземе со технологијата и да имаме многу поефективен краен производ, вели Георгиевски.

Употребата на дронови во градежништвото и останатите гранки во нашата држава е речиси на исто ниво како во соседните. Тие повеќе се користат во Холандија, Франција и во Германија, но тоа не се должи на реални проекти, туку на тестирање пилот-решенија и воспоставување нови сервиси со постојната технологија.

Кадарот со кој се работи сега, како што вели Георгиевски, е самоук. Имаме воспоставено уредба за беспилотни летала, но имаме проблем во воспоставување тренинг-центар за обучување пилоти. Моментно сме во дилема кој е обучениот да го обучи обучувачот. Немаме кој. Веќе се работи на генерализирање на регулативите на ниво на цела Европа. Со програмата што ја работат, ако некој положи во една од европските држави, ќе има право да лета во сите. Регулативата ќе биде еднаква во сите држави, за разлика отсега, има една во Словенија, друга во Италија, трета во Србија. Ако јас лично сакам да добијам лиценца од Грција или друга европска држава, ќе биде за таму и нема да важи тука. Сега системот е без лиценци, појаснува нашиот соговорник.

Засега само интерес за школски центар за обука на оператори со дронови

Во Уредбата за условите под кои воздухоплов без екипаж може да лета во македонски воздушен простор се предвидени услови за регистрирање школски центар за обука на ваков вид оператори/пилоти.

– Освен покажан интерес од одредени поединци и организации сè уште до Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) не е доставено официјално барање за одобрување ваков центар, односно барање за сертификација и издавање уверение за работа, изјави за МИА директорот на АЦВ Томислав Тунтев.

Како што дополнува, европската регулатива, која е излезена оваа година, сè уште не е комплетирана со сите придружни документи Guidance Material (GM), Acceptable Means of Compliance (AMC) итн. и таа сè уште не е применлива. Со оглед на тоа секоја држава сè уште оваа проблематика ја регулира посебно преку свои национални прописи. Откако ќе стане задолжителна во Европската Унија во исто време или во разумен временски период во кој операторите ќе можат да се приспособат на новите правила, ќе биде ставена во сила и во Македонија, најавува Тунтев.

Во согласност со Уредбата за условите под кои воздухоплов без екипаж може да лета во македонски воздушен простор, сите воздухоплови што летаат во комерцијални цели или за сопствени потреби треба да бидат запишани во евиденцијата за воздухоплови што ја води Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Досега во евиденцијата на АЦВ се запишани 133 воздухоплови без екипаж, кои согласно максималната маса на полетување и перформансите се класифициираат во пет класи. Од јануари заклучно со октомври годинава се одобрени вкупно 1 499 операции со воздухоплов без екипаж.

Најголем интерес за оперирање со дронови има на територијата на Скопје и Охрид и во време на викенди. Од јули лани до јули 2019 година, мапата за дронови на официјалната веб-страница на АЦВ, имала околу 28 000 посети.

По добивање евиденциска ознака и уверение за евиденција се добива и пристап до интерактивната мапа поставена на веб-страницата на Агенцијата за цивилно воздухопловство, каде што операторите на воздухопловите без екипаж се должни секоја своја активност претходно да ја најават со точно означено време, место, радиус на оперирање итн., за АЦВ да има увид за сите операции со овие воздухоплови во реално време.

Треба да знаете
Последни објави