Search

Државниот секретар во МНР Виктор Димовски во работна посета на Бразил

Во рамките на работната посета на Бразил, државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски, денеска во Бразилија имаше средба со номинираниот министер за надворешни работи на Бразил, Ернесто Араужо, кој што ќе стапи на функција на 1 јануари 2019 година, со инаугурацијата на новоизбраниот бразилски претседател, Жаир Болсонаро, информираат од македонското МНР.

Димовски му честитал на именувањето на идниот министер Араужо и воедно изразил уверување дека ќе продолжи нагорната линија во развивањето на билатералните односи помеѓу двете пријателски земји. Димовски меѓу другото на идниот министер за надворешни работи на Бразил му ја пренесе и поканата од макеоднскиот министер, Никола Димитров за посета на Македонија во првата пригодна можност.

Министерот Араужо ја подвлече важноста што Бразил ја придава на односите со земјите од нашиот регион и во тој контекст и со Република Македонија.

Заеднички беше искажано задоволството од особено конструктивната и блиска соработка во рамките на мултилатералните организации, со заедничка заложба истата да продолжи и во иднина.

Министерот Араужо истакна дека очекува интензивирање на економската соработка, со посебен акцент на овозможување на директни контакти помеѓу бизнис-заедниците помеѓу двете земји.

Државниот секретар Димовски присуствуваше и имаше пригодно обраќање и на свечениот прием во македонската амбасада во Бразилија, приреден во чест на одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Македонија и Бразил, на кој присуствуваа високи претставници на бразилската влада, претставници на дипломатскиот кор и личности од јавниот и политичкиот живот на Бразил.

Треба да знаете
Последни објави