Search

Државата има јасна енергетската стратегија – ита кон обновливи извори на енергија, порача Заев

Државата размислува да прифати една многу пријателска понуда од Грција, да бидеме косопственици на гасните терминали во Александрополис, каде што ќе се гради 800 мегаватна гасна централа што ќе произведува два и пол пати повеќе енергија од енергетскиот дефицит што го имаме како земја, изјави денеска премиерот Зоран Заев, порачувајќи дека С.Македонија има јасна енергетската стратегија.

– Тука намерата е да влезе ЕСМ со свои директни инвестиции. Сама да може да набавува течен природен гас од Америка, од Катар, од Израел и да произведува електрична енергија и да ја пушта во нашата мрежа, што е израз на големото пријателство по Договорот којшто го потпишавме со Грција, но и за понатамошните инвестиции што се случуваат во државата, изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања по извршената обиколка на претоварна станица во Скопје, каде се одложуваат стари печки и други нееколошки грејни тела.

Тој нагласи дека доаѓа моментот кога ќе треба да ги затвориме комбинатите што произведуваат струја на јаглен, па така во следниот период ќе претстои затворање на еден блок на РЕК „Битола”, кој ќе биде приклучен на гасоводот што ќе минува крај Битола и ќе се трансформира во гасна централа.

Во исто време, според Заев, се работи и на издавање три лиценци за работа на ветерници за производство на без малку 100 мегавати електрична енергија од ветерници.

– ЕСМ ќе гради дополнително свои сопствени 15, 18 ветерници во јужниот дел на државата. Во фотоволтаици вложуваме на уште четири локации по 50, по 100, по 70 мегавати. Државата ита кон обновливите извори на енергија, за во соодветен период кога тоа ќе биде исполнето, да ги затвориме и другите два блока од РЕК „Битола”, изјави Заев.

Тој нагласи дека иако земјава се уште не е членка на ЕУ, и ги нема обврските за плаќање на аранжманите за емисиите на јаглерод диоксид, сепак во текот на преговорите за членство ќе мора да се прилагодува кон тие обврски.

– Јасно ни е дека треба да го зголемуваме интензитетот на инвестиции во обновливите извори на енергија. Затоа очекуваме успешен процес и на Чебрен и Галиште на 28 декември кога се отвораат самите понуди. Тоа се огромни, не знам 300- 400 мегавати нова енергија, која што јас верувам дека ќе биде добредојдена за државата, така што од прилика тоа е глобално енергетската стратегија во државата преку енергетските комбинати, додаде Заев.

Директорот на „Електрани на Сверена Македонија” (ЕСМ), Васко Ковачевски, кој иста така присуствуваше на настанот во Скопје, изјави дека енергетската трансформација или транзиција на РЕК „Битола” не може да се направи преку ноќ, бидејќи тоа е нашиот најголем производител на енергија, кој произведува 75 проценти од енергијатаво државата.

– Ние планираме блоковите да се затвораат еден по еден во текот на наредните години. Во првите пет години ќе биде затворен блокот 1 којшто не е модернизиран и најмалку во него се инвестира. Меѓутоа, блокот 2 и блокот 3 мора да работат во наредните 10 години. Токму затоа ние во нив во последните две- три години и претходно инвестиравме во модернизација, инвестиравме во ремонти и ја направивме тие два блока да бидат за едно сигурно и стабилно производство на електрична енергија, изјави Ковачевски.

РЕК Битола

Според него, во наредниот период ќе треба да бидат применети еколошките мерки во РЕК „Битола” на блоковите 2 и 3.

– Исто така да потенцирам, а тоа го укажува и Европската енергетска заедница, нашата земја е лидер во овој дел од Европа за правење на тие енергетски транзиции или трансформации. Прв таков проект е затворањето на РЕК „Осломеј” и преминување од производство на јаглен во производство на енергија од сонце. Тоа ќе го правиме понатаму во Битола со отворање на нова гасна централа, која за почеток ќе биде со јачина до 250 мегавати и која што ќе го замени производството на  блок 1 во РЕК „Битола”, истакна Ковачевски.

Тој нагласи дека ЕСМ ќе продолжуваме и со инвестиции на фотоволтаици во кругот на РЕК „Битола”, во кругот на хидроелектраните, посебно на Тиквеш каде што имаме можност за дополнителни инвестирања на 100 мегавати во фотоволтаци, како и во ветерните паркови.

– Во овој период треба да го завршиме ветерниот парк во Богданци, којшто е со јачина од 36 мегавати. Имаме дополнителна инвестиција од 14 мегавати во Богданци, а ќе го завршиме проектот на 50 мегавати ветерен парк во Миравци и следната фаза е новиот ветерен парк од 50 мегавати во Миравци. Така што, генерално со инвестициите во обновливите извори на енергија, во фотоволтаиците, во хидроелектраните коишто ги правиме, ревитализација и нови проекти, во ветерните паркови и гасификацијата која што е надежност за производство на енергија, сметаме дека ќе го покриеме и ќе го задоволиме производството на енергија и конечно да ставиме крај на производство на енергија од нееколошки горива, истакна Ковачевски.

Треба да знаете
Последни објави