Search

Државата е тука за граѓаните, со Буџетот 2021 економијата и здравството се нашиот фокус

Прес-конференција, Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ

Предлог Буџетот кој денеска влегува во собраниска процедура е континуитет на одговорните, домаќински политики на Владата предводена од СДСМ. Со него е предвидена  уште посилна поддршка на здравствениот систем и уште поголема помош за домашната македонска економија.

Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари, што е за 8,3% повеќе во однос на вториот Ребаланс 2020 година.

Расходите се проектирани на ниво од 247,5 милијарди денари што е за 2,1% пониско во однос на вториот Ребаланс на Буџетот за 2020 година.

Во однос на распределбата на Буџетот по функционални области за Економски работи планирани се 70,2 милијарди денари, за социјална заштита 90,28 милијарди, а за здравство 40,8 милијарди.

Со вака структурираниот буџет Владата предводена од СДСМ праќа јасна порака дека помошта за економијата, помошта за спас на работните места, поддршката на најранливите категории но и поддршката за јавното здравство продолжуваат уште повеќе и во следната 2021 година.

Затоа Предлог Буџетот за 2021 година пред себе има три клучни цели:

Да обезбеди поддршка и унапредување на здравствениот сектор, пред се заштита на здравјето и на животот на сите граѓани;

Да го поддржи економското заздравување, односно да се помогнат сите оние микро, мали, средни и големи компании, кои имаат потреба од помош во справувањето со последиците од пандемијата

И трето, да се одржат и унапредат основните функции на државата и да овозможиме ефикасно спроведување на потребните реформи.

Со Буџетот за 2021 година обезбедуваме одржливост но и можности за побрзо надминување на негативните последици од коронакризата.

Затоа е важно сите пратеници, низ отворена, инклузивна и транспарентна дебата овде во Собранието, да дадат поддршка и Буџетот за 2021 година да биде усвоен.

Тоа е важно за здравството, важно е за економијата, важно е за сите наши граѓани.

Треба да знаете
Последни објави