Search

До 14 декември затворени копнените граници на Грција и забранет влез за државјани на трети земји

Одлуката на грчката Влада за „воведување мерки за привремено ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на земјата, забрана за влез во земјата на државјани на трети земји, освен од државите на Европската унија и Шенген зоната” за да се ограничи ширењето на коровирусот, е продолжена до 14 декември 2020 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Првиот член од одлуката се однесува на копнените граници на Грција, односно на привременото ограничување на сите копнени (патни и железнички) поврзувања од и кон Грција „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19 на грчка територија, како и забрана за влез на лица на грчка територија, освен ако исполнуваат конкретни предуслови”. За туристите и странските државјани за кои не постои забрана, дозволен е влез само преку Бугарија, односно преку граничниот премин Промахонас (Кулата) и само со негативен молекуларен тест за Ковид-19 направен 72 часа пред пристигнувањето.

Од останатите гранични премини што се отворени, односно Какавија кон Албанија, Евзони (Богородица) кон Северна Македонија и Кипи кон Турција, влезот во Грција е дозволен само за одредени категории и исто така со негативен ПЦР тест. Овие гранични премини се отворени од 7 до 23 часот, а забраната не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, за товарните камиони, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово. Во однос на камионите за транспорт на стоки, отворени се седум гранични премини, четири со Бугарија, и по еден со Северна Македонија, Турција и Албанија, а за возачите не важи задолжителната потврда за негативен ПЦР тест.

Во истата одлука, во посебен член е и привремената забрана за влез во Грција на „сите државјани на трети земји, од било која влезна точка, на било кој начин и со било кое средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и патните поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на Ковид-19 на грчка територија”.

Исклучок се земјите членки на Европската унија и Шенген зоната, како и жителите на Австралија, Јапонија, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Уругвај, Обединетите Арапски Емирати и Сингапур.

Исто така, исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од Шенген зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.

Конкретната министерска одлука вчера беше објавена во Службен весник на Грција, стапува во сила вечерва една минута по полноќ, а станува збор за одлуките кои континуирано се продолжуваат во изминатиот период.

Копнените граници со Северна Македонија и Албанија се затворени веќе осум месеци.

Треба да знаете
Последни објави