Search

До една милијарда евра годишно може да се слеат во земјава од ЕУ како поддршка за бизнисот

Компаниите од Македонија малку ги искористуваат средствата што им се нудат од европските фондови, но доколку бидат поактивни и поинформирани, во земјава може да влегуваат годишно од половина милион до една милијарда евра како поддршка за бизнисот и економијата, беше истакнато на денешниот бизнис форум посветен на европските фондови и програми за економски развој.

Од невладината организација „Обединети бизнис клубови” од Бугарија, која го организираше денешниот настан во Скопје, велат дека малите и средните претпријатија се најважните економски чинители во општеството кои претставуваат над 90 проценти од бизнисот во една земја и оти искористувањето на европските фондови и програми е многу важно, како за нивниот развој, така и за економскиот развој на државата.

– Засега малку претпријатија од Северна Македонија ги искористуваат европските фондови. Компаниите треба да знаат дека има и европски фондови и програми кои се управуваат директно од Европската комисија во Брисел и оти можат директно да аплицираат за овие програми, но исто така и за програмите што се управувани на национално ниво како што се ИПА и ИПАРД, изјави Веселин Халачев, претседател на „Обединети бизнис клубови”.

Условите за искористување на средства од европските фондови и програми, според Халачев, не се толку тешки и сложени, а, како што вели, во Европската комисија се размислува да се олеснат условите за следниот период од 2021-2017 година.

Според бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов, двете држави треба да го искористат претседавањето со Берлинскиот процес и да привлечат што поголем интерес од Брисел кон регионот и кон двете држави.

– Се уште имаме проблеми како што се железницата, автопатот и гасоводот и треба да направиме се што е возможно за бизнисот меѓу двете држави да биде добар, изјави Ангелов.

Целта на денешниот настан е да се информираат бизнисмените од земјава за можностите што ги нудат европските фондови и програми.

Треба да знаете
Последни објави