Search

Доцни седницата за законот за јавно обвинителство, правда и ДУИ демантираат дека Декоска се консултира со Џафери

– Повеќе од два часа доцни собраниската седница за Предлог-законот за Јавно обвинителство, на  која пратениците треба да ја утврдат потребата од негово донесување, а за кој, како што кажа координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески е постигната доволно добра основа за поддршка од најмалку 80 пратеници.

Седницата беше закажана за денеска во 17 часот, по консултациите изутрината на претседателот на Собранието Талат Џафери со пратеничките групи и требаше да следи откако во меѓувреме ќе заврши проверката на законот. Некои медиуми излегоа со тврдење дека во моментов министерката за правда Рената Дескоска и собранискиот спикер Талат Џафери се на консултации, поради тоа што вчера било договорено едно, а во Собранието е доставена поинаква верзија на законот, но од Министерството за правда за МИА демантираа дека министерката е на средба со претседателот на законодавниот дом. И од ДУИ за МИА велат дека нема средба на Дескоска со Џафери или со други претставници на партија.

Претходно денеска ДУИ, но и опозициските Алијанса за Албанците и Беса соопштија дека нема да ја поддржат предлог верзијата на законот доставена до Собранието, бидејќи не била во согласност со договореното во Министерството за правда.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска претходно изјави дека за нив е прифатлив само синоќешниот договорен текст на законот за јавното обвинителство, а секој друг текст не е прифатлив.

– Јас го знам законот што е усогласен синоќа, а не законот што е променет со различни волји на другите луѓе и немам идеја што е променето. Пред средбата бев информирам дека законот што го усогласивме вчера, не е во таа форма доставен во Собранието и не ги знам промените кои ги имаат направено, изјави денеска Ахмети, одговарајќи на новинарски прашања.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека остануваат на ставот против законот за јавно обвинителство и обвини дека власта со сила наметнува законски решенија кои се спротивни на Уставот, на европските вредности и на интересите на македонските граѓани. ВМРО-ДПМЕ, рече Мицкоски, е против амнестија.

На денешната седница, според договорот, требаше да се утврди потребата за донесување на овој закон. Потоа законот кој ќе се носи по скратена постапка и со европско знаменце треба да помина на матичната Комисија за европски прашање, по што Предлог законот треба да биде повторно ставен на дневен ред на Собранието и усвоен на пленарка пред неговото распуштање, заради одржување на предвремените парламентарни избори.

Треба да знаете
Последни објави