Search

Доналд Трамп е најголемиот дезинформатор за Ковид-19

Американскиот претседател Доналд Трамп е најголемиот светски двигател на дезинформации за Ковид-19 за време на пандемијата, покажа истражувањето на универзитетот Корнел.

Тим од Корнел, од одделот за наука, оцени 38 милиони статии објавени од медиумите на англиски јазик од 1 јануари до 26 мај оваа година. Базата на податоци што ја користеа опфаќа земји како САД, Велика Британија, Индија, Ирска, Австралија, Нов Зеланд и други африкански и азиски земји. Тие идентификуваа 522.472 написи кои продуцираа или зајакнаа дезинформации поврзани со пандемијата на коронавирус или она што Светската здравствена организација го нарече „инфодемија”. Тие беа категоризирани во 11 главни подтеми, почнувајќи од теории на заговор и напади врз врвни научници како што е Ентони Фаучи до идејата дека вирусот е био-оружје произведено од Кина.

Но, најпопуларната тема беше она што авторите на студијата го нарекоа „чудесни лекови”, што се појави во 295.351 статии – повеќе од другите 10 теми заедно.

Авторите открија дека коментарите на Трамп предизвикаа голем скок во темата „чудесни лекови”, водени од неговиот брифинг со новинарите на 24 април, каде разговараше за употреба на средства за дезинфекција во телото за лекување на коронавирусот.

Слични скокови се забележуваат кога промовираше недокажани третмани како што е хидроксихлорокин.

„Затоа, заклучуваме дека Претседателот на САД беше веројатно најголемиот двигател на дезинформациите за Ковид19″, напиша тимот.

Сара Еванега, која ја предводеше студијата и е директор на Корнеловото здружение за наука, рече: Ако луѓето се заведени од ненаучни и неиздржани тврдења за болеста, тогаш е помалку веројатно дека ќе ги  следат официјалните упатства и со тоа да ризикуваат да се прошири вирусот”.

По „чудесните лекови”, втората најчеста дезинформација беше дека пандемијата е дизајнирана за унапредување на „новиот светски поредок”.

Потоа следеше тврдењето дека пандемијата е измама за политичка добивка од страна на Демократската партија на САД, проследена со заговори кои тврдат дека вирусот е био-оружје, произведено во лабораторија во Вухан, Кина.

Потоа следеа теории на заговор што ја поврзуваа пандемијата со филантропот Бил Гејтс, потоа измамата дека симптомите на Ковид-19 се предизвикани од 5Г телефонски мрежи, антисемитски теории на заговор и идејата дека вирусот е форма на контрола на популацијата.

Студијата е делумно финансирана од фондацијата Бил и Мелинда Гејтс.

Треба да знаете
Последни објави