Search

ДОМ: Oтворањето на вратата за ГМО храна во Македонија, не е во интерес на граѓаните

Од партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) остро реагираат на најавените измени на Законот за безбедност на храна, од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, со цел овозможување на производство, ставање во промет и увоз во Република Македонија на ГМО храна.

Оттаму апелираат за неопходност од широка јавна дебата по однос на оваа тема, со вклучување на сите засегнати страни.

„Сметаме дека во услови кога во нашата држава не постои акредитирана лабораторија во која ќе се контролира концентрацијата на ГМО во храната, отворањето на врата за ГМО храна, не е во интерес на пошироката јавност“, се наведува во партиското соопштение.

Од ДОМ објаснуваат дека ГМО е една од најконтроверзните теми на денешницата.

„Се водат жестоки битки на глобално ниво, на милиони ‘за’ и ‘против’! Сите зелени активисти во светот се активно ‘против’. И во Зелениот манифест усвоен минатиот месец, на Собранието на Европските зелени, како еден од главните приоритети се наведува производството на квалитетна, локална храна, без ГМО и пестициди. Како зелена партија водевме отворена и успешна кампања против ГМО храната во изминатите години и нашиот став е непроменет“, велат од оваа партија.

Истакнуваат дека иако во научната фела се уште се водат спротивставени дебати за безбедноста на ГМО храната, неспорна е потребата од дополнителни студии, кои би се спроведувале во подолг временски период и би биле финансирани од независни институции, а не од компаниите кои произведуваат ГМО храна.

„Изминатите три децении покажаа дека ГМО храната не ја исполни целта за намалување на гладта на глобално ниво. Денес, преку 800 милиони луѓе се соочуваат со глад, а истовремено една третина од произведената храна, се губи или завршува како отпад, што е доволно да се нахранат сите гладни луѓе во светот“, наведуваат од партијата.

Треба да знаете
Последни објави