Search

ДОМ предлага намалување на ДДВ за парното и со телескопски камери да се лоцираат загадувачите на воздухот

Со цел да се намали загадувањето на воздухот во градовите, партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) предлага сет од девет итни мерки, наведени во соопштение до јавноста. Од оваа политичка партија која како зелена партија е посветена на заштитана на животната средина предлагаaт:

1. Интензивни инспекциски контроли врз можните извори на штетни емисии, особено на индустријата, сервисите, дивите депонии и стрништата, од страна на државниот и локалните инспекторати;

2. Набавка на опрема за снимање (телескопски камери) и поставување на високите објекти во градовите, за да се лоцираат изворите на штетните емисии, по примерот на Белград;

3. Намалување на ДДВ-то за надоместокот за парно греење од 18% на 5% за да се зголеми бројот на корисници, а со тоа да се намали емисијата на РМ 10 честичките;

4. Воведување посебна програма за квалитет на воздух во Министерството за животна средина и просторно планирање (со посебна буџетска ставка), за да се обнови мрежата на мониторинг станици, да се опреми акредитирана централна лабораторија и други активности;

5. Субвенции на домаќинствата за топлински пумпи, инвертер клима уреди и други чисти технологии;

6. Замена на греењето со нафта во градинките, училиштата, здравствените и други јавни објекти со греење на гас, топлински пумпи и други чисти технологии;

7. Воведување добра градежна пракса во градежништвото (оптимизација на работата на машините заради заштеда на горивото; покривање на песок и чакал со фолија; прскање со вода; миење на гумите на возилата и друго). Во деновите со екстремно загадување да се стопираат градежните работи во градовите;

8. Во сообраќајот да се поттикне користењето на јавен транспорт преку: набавка на нови автобуси и воведување нови линии, намалување на цената на месечен автобуски билет во зимските месеци за 50% и воведување на „зелен” дневен билет што важи за сите правци, зголемување на цената за паркинг во општина Центар за 100%, воведување на зонско паркирање и наплаќање на паркинг во сите општини, како и подобрување на проточноста на сообраќајот и намалување на времето на чекање на раскрсници преку воведување на приоритетна лента за автобуси и управување со семафорите.

9. Редовно миење на улиците, редовно собирање на отпадот и чистење на дивите сметлишта од страна на јавните комунални претпријатија.

Со цел намалување на аерозагадувањето и заштита на здравјето, ДОМ исто така апелира до граѓаните да не горат јаглен, отпадно масло, пластика, гуми, отпадоци од боено, лакирано дрво или медијапан, да користат јавен градски транспорт и велосипеди или пак при превоз со автомобил, да користат споделен превоз (повеќе патници во еден автомобил).

Треба да знаете
Последни објави