Search

ДОМ: Колку каменоломи може да издржи Јабланица?

ДОМ го поддржува протестот на жителите од Лабуништа против големиот број каменоломи со кои е опкружено нивното место.

Зелената партија бара од Државниот инспекторат за животна средина итно да излезе на терен и да го утврди степенот на загаденост на воздухот со ПМ10 и ПМ2,5 честички, како и загадувањето на водите и почвата. Дополнително, велат од ДОМ, треба да се изготви Стратешка оценка за влијанието врз животната средина на сите тие каменоломи на падините на планинскиот масив Јабланица.

„Според сегашните сознанија, се работи за вкупно 6 каменоломи, од кои четири имаат издадени Б-интегрирани дозволи, а другите се во фаза на добивање. Жителите на местата Лабуништа, Боровец и Јабланица, со над 15.000 жители, бараат да запре одобрувањето на нови концесии, а старите да се преиспитаат. Според нивните искази, живеат буквално затрупани во прашина и бучава, а болестите на дишните патишта се масовна појава“, подвлече ДОМ.

Од партијата укажуваат дека планинскиот масив Јабланица е еден од најубавите на Балканот и деловите што се наоѓаат во Албанија и Грција се веќе прогласени за национални паркови, додека во Македонија е отпочната иницијатива за прогласување за национален парк. Јабланица има извонредни природни вредности, меѓу кои е и богатиот биодиверзитет, со рисот како загрозен вид.

Целиот предел околу Јабланица има извонредни можности за развој на екотуризмот и обезбедување одржлив економски развој за жителите, по примерот на Вевчани, кое веќе израсна во туристичка дестинации за домашни и странски туристи, додаваат од ДОМ.

Треба да знаете
Последни објави