Search

Домот на културата во Ченто дувло на зависници и бездомници

Шут, измет, користени шприцеви од зависници, кеси со ѓубре и што уште не. Не се наоѓаме на некоја депонија туку во Домот на културата 11 Октомври во населбата Ченто.  Некогашниот украс на населбата на чија бина многу деца станаа пионери, се прославуваа патрони празници на училиштата и во чија читална и кино сала се родија многу симпатии меѓу учениците, сега е срам за сите. И да не знаете каде се наоѓа, не е тешко да го најдете по реата која се шири околу него. Сред нови згради преполни со деца кои се играат на околниот парк стои како чир и сведочи за едно минато време.

Столбови и кров кој тече, без ниту еден прозор од надвор, без врати и ниту една столица во салата во која имаше и современо кино. На бината само измет и кеси со ѓубре. Сегашни постојани станари се улични кучиња и бездомници. Повремено доѓаат зависници за што сведочат изгорени лажици и користени шрицеви.  Ова се епитетите кои ја красат некогашната бина на домот на културата во  „Ченто“.  Откорнато и украдено е се што можело да се украде, па и повеќе од тоа. Ѕидовите се излупени до тули, а за некогашните најсовремени таолети сведочат само дупки како од полско WC.

Добар ден.Одамна не дошол некој да не посети. Заборавени сме од сите, а најмногу од општината. Го средуваат паркот, садат цвекиња и дрва да не се гледа руинава, но се е бадијала. Стои и сведочи за едно време одамна минато- вели eдна станарка од околните згради. Објаснува дека местото е извор на зараза од кое се шири неподнослива миризба дури и сега кога времето е многу ладно.

Треба да поминете летно време. Не можеме да отвориме прозор од смрдеата. Децата се играат во паркот, но домот е на дваесетина метри од него, практично е дел од паркот. Љубопитни се и колку и да им забранувате знаат да влезат во него и да видат што има- велат граѓаните.

Во моментов во „Домот“ ако може така да се нарече има само еден бездомник. Преживува од милостината на околните дуќани и станари, но е лице со посебни потреби. Граѓаните апелираат до надлежните да го сместат во некоја институција бидејќи секојдневно складира кеси со ѓубре од околните контејнери.

Не велиме дека е лош човек, но на моменти е насилен. Потојано вика се обидува да влезе некаде- велат граѓаните. Објаснуваат дека пред нивни очи се крадело се што можело да се откорне. Прво го снемало инвентарот од внатре. Столици, опрема за проекции на филмови, шкафови, кујна.

– Што и каде се носеше никој не знае. На почетокот се криеја и крадеа ноќно време. Поле извесно време веќе не им беше гајле. Доаѓаа со камиони и корнеа се што можеше да се земе. Врати, прозори, цела инсталација за парно, дури и нафтата од котелот- објаснуваат револтираните станари на околните згради.

Од целокупниот Дом сеуште функционира само библиотеката. Но не е на истото место како порано бидејќи кровот течел и повеќето од книгите се оштетени.

Библиотекарката со носталгија зборува за времето од пред дваесетина години.

Сега сум пред пензија. Криво ми е што од најубав Дом на културата објектот стана срам за општината. Опасно е да се работи овде. Од една страна инвеститори градат станови и згради, се разубавува оолината, а од друга страна никој не прави ништо руината барем да се исчисти- вели Библиотекарката.

Зависници три пати влегувале во библиотеката. Еднаш дури и урнале ѕид да можат да влезат да крадат.

Последен пат за Домотна културата слушнавме од сегашниот градоначалник Борче Георгиевски. Домот беше во неговата изборна програма, но за жал и таму остана.

24 инфо уште пред десет дена се обиде да стапи во контакт со Георгиевски, но не успеа. Пративме и прашања до одговорниот за односи со јавност. Но од таму не добивме одговор и покрај ветувањето од нивна страна дека има планови за Домот.
Градот Скопје во 2010 година се обидел последен пат да го издаде некому објектот но безуспешно. Сега домот е одговорностна општината. Но очигледно на него никој не мисли.

Валентина Ангеловска

фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави