Search

Доли Партон бара одлагање на плановите за нејзина статуа

Иконата на американската кантри музика Доли Партон побара од државата Тенеси да ги запре плановите за поставување на нејзина статуа.

Таа побара законодавниот дом на сојузната држава Тенеси да го повлече предлог-законот за поставување нејзина статуа во главниот град Нешвил.

Пејачката текстописец, музички продуцент, актерка, воедно и голем хуманист, на Твитер порача дека сега не е вистинското време.

„Имајќи го предвид сето она што се случува во светот, мислам дека во овој момент не е соодветно да ме стават на пиедестал“, рече таа.

75-годишната музичарка нагласи дека е почестена од гестот, додавајќи: „Сепак, се надевам дека во иднина неколку години од сега, или можеби откако ќе ме нема, ако сметате дека заслужувам, тогаш сигурна сум дека ќе стојам горда во нашиот главен град како благодарна Тенесијанка “.

Во ноември, ѕвездата соопшти дека се чувствува почестена и горда што донирала пари за истражување на една од најперспективните вакцини против Ковид-19.

Таа претходно најави дека донира 1 милион американски долари на медицинскиот центар на Универзитетот Вандербилт во Нешвил. Тоа беше едно од местата каде што се испитуваше вакцината на „Модерна“, која според раните истражувања се покажа речиси 95% ефикасна.

 

Треба да знаете
Последни објави