Search

Доколку нема поплаки, ЦИК на Косово утре ќе ги соопшти конечните изборни резултати

Централната изборна комисија на Косово (ЦИК), по пребројувањето на сите гласови од вонредните парламентарни избори одржани на 6 октомври, објави дека доколку нема поплаки до надлежните институции, конечните резултати ќе ги објави во текот на утрешниот ден, јави дописникот на МИА од Приштина.

Портпаролот на ЦИК Ваљмир Елези за порталот „Газета експрес” изјави дека, откако синоќа околу полноќ заврши броењето и на последните гласови од дијаспората, учесниците на изборите имаат рок од 24 часа да поднесат поплаки до Изборниот панел за поплаки и претставки, а доколку не се случи такво нешто, утре може да се објават конечните резултати.

– Во овој период ЦИК ќе комуницира со соодветните институции за да добие потврда дека немаат некое прашање на разгледување и потоа ќе може да ги објави конечните резултати на овие избори. Доколку нема поплаки во тој рок, ЦИК ќе ги објави конечните резултати во текот утрешниот ден, изјави Елези.

Според неофицијални резултати, по вчерашното пребројување и на последните гласови од дијаспората, Движењето Самоопределување (ВВ) најверојатно ќе има 32, а Демократскиот соујз на Косово (ЛДК) 29 пратеници, со што овие две досега опозициски партии, кои ги започнаа преговорите за формирање нова влада веднаш по објавувањето на првичните резултати од гласањето, ќе имаат мнозинство од 61 пратеник во 120-члениот Парламент на Косово.

Досега владејачката Демократска партија на Косово (ПДК) ќе има 25 пратеници, додека нејзиниот коалициски партнер, Алијансата за иднината на Косово (ААК), која настапи заедно со Социјалдемократската партија (ПСД) освои 14 места во новиот Парламент. Нивните партнери во власта, Социјалдемократската иницијатива (Нисма) и Алијансата ново Косово (АКР), заедно како коалиција освоија 4,98, односно не успеаја да го надминат прагот од пет отсто за влез во Собранието.

Треба да знаете
Последни објави