Search

Доделени наградите на најдобрите дипломирани студенти на УКИМ

Дваесет и двајца најдобри дипломирани студенти од учебната 2018/19, и исто толку од учебната 2019/20 година денеска добија пофалници и пригодни награди за остварениот успех.

Исто така, и десет студенти од редовни студии од завршниот семестар во прв циклус студии, кои покажаа особени резултати во студиите, од областа на архитектурата, општествените науки и уметностите на УКИМ за учебната 2019/20 година, ја добија наградата „26 јули” од Фондацијата „Франк Манинг” од Велика Британија.

Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски на денешното свечено доделување на наградите пред платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” (УКИМ), посочи дека наградите ги добија оние студенти кои со својата одлучност за нијанса се издвоија од другите колеги, и станаа први по квалитетот во својата генерација.

-Денеска им оддавам признание и благодарност за нивните извонредни успеси, но и за нивен интерактивен придонес во развојот и надоградувањето на знаењето. Со овој свечен чин им оддавам должно признание на најдобрите студенти на нашиоот Универзитет. Целта на оваа денешна церемонија е скромно да ве наградиме и јавно да ве пофалиме, рече ректорот Јанкуловски.

Тој додаде дека овие студенти со своите успеси постигнати во текот на студиите, учествуваат во креирањето на на континуирано подигнување на квалитетот на студирањето, на најстариот и најдобар Универзитет во нашата земја, а со тоа, како што рече, имаат значајна улога во неговиот развој, во унапредувањето и афирмацијата во сите области и дејности.

Како што појасни, критериумите за добивање на наградата ги исполнуваат повеќе студенти, и токму заради тоа, Универзитетот одлучил да ги награди сите.

Наградите за најдобро дипломирани студенти се доделуваат еднаш годишно.

Видот и висината на наградите ги определува ректорот секоја учебна година, во зависност од средствата со кои располага Универзитетот за оваа намена, а наградата „26 јули” изнесува 9.000 денари во нето износ за секој студент.

Треба да знаете
Последни објави