Search

Договорот од Преспа на агендата на Комисијата за надворешна политика во грчкиот Парламент

Договорот од Преспа и владините позиции беа една од темите кои грчките пратеници-членови на Комисијата за национална одбрана и надворешни прашања ги поставија пред министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас на денешниот прв состанок во грчкиот Парламент.

Пратеничката од Нова демократија, Дора Бакојани, одговори на шпекулациите во медиумите дека владејачката партија предизборно и постизборно настапила со различни позиции за Договорот од Преспа, пратеникот од СИРИЗА надлежен за надворешна политика и поранешен шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос рече дека треба и Грција без отстапки да го спроведува договорот, а Дендиас говореше општо за надворешната политика, jави дописничката на МИА од Атина.

Темата на состанокот, што се одржа во два дела, беше Дендиас да ги извести членовите за прашањата што се во негова надлежност. Во првиот дел, шефот на грчката дипломатија имаше обраќање, по што следеа претставниците на партиите кои поставија прашања до министерот за надворешни работи на Грција. Вториот дел пак, во кој Дендиас одговараше на прашањата, се одржа зад затворени врати.

Првиот состанок на комисијата по формирање на составот на новиот грчки Парламент, со обраќање го отвори министерот за надворешни работи Никос Дендиас, кој рече дека „Грција по една деценија во услови на криза, го направи својот избор да ја надмине интровертноста и да ја засили нејзината позиција во светот “.

Шефот на грчката дипломатија истакна дека „за земја како Грција, којашто нема неисцрпни финансиски ресурси”, Министерството за надворешни работи може да го зголеми капацитетот на земјата преку неколку цели меѓу кои: надградба на грчкото учество во ЕУ и меѓународните организации во кои што членува; дополнително подобрување на односите со соседните земји; зајакнување на врските со традиционалните сојузници како што е САД, но и продлабочување на односите со Франција, Италија и Германија; зајакнување на грчката економска дипломатија во странство итн.

Бакојани: Договорот е изгласан од грчкиот Парламент, ќе се придржуваме до него и ќе го почитуваме

Поранешната шефица на грчката дипломатија, а сега пратеник од Нова демократија, Дора Бакојани рече дека во изминатиот период се шират гласини во Грција дека во однос на Договорот од Преспа, партијата сменила став откак дојде на власт и објасни дека тие се со непроменето мислење, договорот има основни недостатоци, но не можејќи да направат ништо, бидејќи е веќе изгласан од грчкиот Парламент, тогаш, како што рече, ќе се придржуваат до него и ќе го почитуваат.

Бакојани им се обрати на колегите пратеници, истакнувајќи дека Нова демократија предизборно „потенцираше во и вон Парламентот дека кога еднаш веќе се изгласа Договорот, тоа е Договор што ќе биде во сила и оти не постои никаква можност да се поништи и промени”.

-Вториот аспект на прашањето што се однесува на спроведување на договорот особено во прашањето со македонските производи е пред нас. Со тоа ќе управуваме онака како што најави премиерот од Солун. Третото прашање е интегративниот процес на Северна Македонија во Европа. Тоа нешто што не е почнато уште. Кога ќе почне грчката надворешна политика со голема внимателност ќе ги третира поглавјата за отворање/затворање врз основа на нејзините интереси, рече Бакојани.

Катругалос: И Грција да го спроведува без отстапки Договорот од Преспа

Пратеникот од СИРИЗА надлежен за надворешна политика и поранешен шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, во обраќање на Комисијата, упати неколку забелешки, коментирајќи го излагањето на Бакојани истакна дека „не може да се почитува предавство, не може да се почитува национално штетен договор”, но им посочи на претставниците на владејачката партија дека и тие треба да го почитуваат и спроведуваат Договорот од Преспа и да го користат новото име.

-Сѐ додека ние не го спроведуваме без варирање, како што бараме од другите да го спроведат без варирање договорот, одземаме сила од нашите аргументи. Јас апсолутно се согласувам со политиката со која барате од Северна Македонија неопходно да го спроведе договорот и така треба за прашањата за производите, кои се обидовме да ги обезбедиме преку договорот. Но, како можеме да го направиме тоа кога ваши членови и понатаму одбиваат да ја наречат соседната земја со името што го предвидува Договорот од Преспа, рече Катругалос.

Поранешниот шеф на грчката дипломатија, откако потсети дека на 15 март 2019 беше формирана парламентарна група за пријателство во Северна Македонија, побара објаснување од актуелниот министер за надворешни работи на Грција, дали и во грчкиот Парламент ќе се формира ваква група.

Треба да знаете
Последни објави