Search

Дневно се печатат по 1 000 заштитни маски на 3D принтери

Во изминативе неколку дена екипата на иницијативата за печатење медицинска опрема успеа капацитетот за производство да го зголеми на 1 000 заштитни маски на ден, со што е се поблиску до целта да се изработат и дистрибуираат најмалку 6 000 заштитни маски со визири до крајот на неделата.

Бројот на дистрибуирани заштитни маски со визири до денес брои повеќе од 3 000 парчиња.
Покрај готови маски, испратен е материјал за работа до сите помали производствени групи по градовите низ државата, додека од денес, 3. април (петок) од 16-19 часот во ПЗУ Ординација по општа медицина „Медика Вера„ ќе се поделат заштитни маски и за ПЗУ матичните лекари, според нивните барања (секој ден освен недела, повеќе инфо ќе има на Фејзбук групата на иницијативата).

Планот за бесплатно снабдување со заштитни маски со визири за сите Јавни и приватни здравствени установи на национално ниво е во тек и се очекува да биде реализиран согласно производствениот капацитет и ресурсите до крајот на следната недела. Членовите на иницијативата потсетуваат дека овие заштитни маски со визири се соодветно дезинфицирани, и дека се произведени од соодветни репро материјали кои можат со сигурност да ја извршат заштитната функција.

Врзано за информацијата дека се појавуваат заштитни маски со визири во малопродажба, од иницијативата апелираат да се почека да се обезбедат медицинските лица со заштитни маски бесплатно, бидејќи овие маски се произведуваат од донации, што беше и приоритет на оваа иницијатива. Штом оваа цел се реализира, иницијативата ќе се затвори и ќе се повлече и компаниите можат слободно да ги пласираат своите производи до широката јавност.

 

Треба да знаете
Последни објави