Search

Дневен преглед на состојбата со Ковид-19 во светот

Според последните податоци, во светот до сега има 6.419.767 лица заразени со новиот коронавирус. Од нив починале 379.014, а оздравеле 2.941.660 луѓе.

Атина – Националната организација за јавно здравје на Грција денеска соопшти 19 нови случаи на Ковид-19, од кои 12 се кај патници од летот Доха – Атина. Вкупниот број на заразени од почетокот на епидемијата се зголеми на 2.937 лица. До 15 јуни 2020 година Секретаријатот за цивилна заштита на Грција одлучи да ги забрани летовите од и кон Катар откако во вчерашниот лет од Доха за Атина беа регистрирани 12 позитивни случаи на новиот коронавирус. Девет од нив се државјани на Пакистан со дозвола за престој во Грција, двајца се грчки државјани од Австралија, а еден е Јапонец.

Никозија – Од 1.473 тестови направени во изминатите 24 часа, на Кипар се регистрирани три нови случаи на Ковид-19. Од почетокот на епидемијата, бројот на заразени е 952 лица.

Приштина – Во Косово вчера беа потврдени 27 новозаразени, со што бројката на лица кај кои досега е откриен новиот коронавирус достигна 1.110. Од нив излекувани се 843, а починале 30 лица, кои освен од Ковид-19 страдале и од други хронични болести. Активни во моментов во земјата се 237 случаи. Во лабораторијата за микробиологија на Институтот за јавно здравство на Косово вчера се испитани примероците на 172 лица за кои постоело сомневање дека се заразени, а од почетокот на пандемијата вкупно се извршени 15.140 тестирања.

Тирана – По вчерашните шест новозаразени, во последното деноноќие, во Албанија, повторно висока двоцифрена бројка на новозаразени со Ковид-19. Од тестираните 243 сомнителни случаи позитивен резултат е добиен кај 21, од нив шестмина се здравствени работници. Од почетокот на пандемијата вкупната бројка на заразени изнесува 1.164, излекувани се 891 додека активни на болеста се 240 лица, од нив 27 се лекуваат болнички, при што четворица се на интензивна терапија додека еден е приклучен на респираторна машина. Починати се 33 лица кои боледувале и од други болести. Албанскиот премиер Еди Рама денеска предупреди дека опасниот вирус не „заминал” туку дека се уште е тука ,поради што потребно е да „бидат подготвени за втор бран”.

Белград – Во последните 24 часа, едно лице почина во Србија како резултат на коронавирусот, објавено е на веб-страницата на Министерството за здравство, covid19.rs. Вкупниот број на жртви од почетокот на епидемијата е 245. Од последниот пресек на состојбата во Србија, 4.372 лица се тестирани на коронавирус, а вирусот е потврден кај 24 лица. Од почетокот на епидемијата на коронавирус во Србија, заразени се 11.454 лица. 6.766 пациенти се излечени.

Вашингтон – Во САД бројот на болни од Ковид-19 надмина 1,8 милиони, а најмалку 105.167 лица починале. Во последните 24 часа во САД се заразиле уште 21.118 лица.

Лондон – Велика Британија денеска регистрира уште 111 смртни случаи од коронавирусот, најмалку откако се во сила рестриктивните мерки, соопшти министерот за здравство Мет Хенкок. Тој додаде дека вче е регистриран и најмал број на новозаразени од 27 март, потошно уште 1.570 случаи. Во земјата вкупно се починати 39.045 луѓе, а заразени се 276.332.

Москва – Во последните 24 часа во Русија починале уште 182 луѓе, со што вкупниот број на смртни слуаи сега изнесува 5,037 лица, објави денеска кризниот центар задолжен за коронавирусот. Регистрирани се уште 8.863 случаи на заразени со Ковид-19м а вкупно заразени се 423.741 лица.

Њу Делхи – Бројот на заразени со коронавирусот во Индија се доближува до 200.000. Бројот на заболени во последните 24 часа е зголемен за 8.171 на 198.706, соопшти Министерството за здравство на земјата. Бројот на починати се зголеми на 5.598.

Валета – Малта ќе ги отвори своите граници на 1 јули за туристи од 16 европски земји, Израел и само одредени делови на Италија. Малтешките власти денеска соопштија дека ќе ги отворат своите граници за туристите кои пристигнуваат од италијанските острови Сицилија и Сардинија, но не и од другите делови на Италија.

Прага – Чешката Влада објави дека од 15 јуни на нејзините граѓани ќе им биде дозволено да патуваат во 29 европски земји. Владата, исто така, информира дека граѓаните на 19 држави кои се сметаат за безбедни, ќе можат да влезат во Чешка без никакви рестриктивни мерки, додека граѓаните од останатите 10 земји ќе треба да покажат негативен тест за коронавирус.

Мексико Сити – Бројот на починати во Мексико надмина 10.000, соопшти Министерството за здравство. Во последните 24 часа се регистрирани 237 смртни случаи, со што бројот на починати достигна 10.167, соопшти мексиканското Министерство за здравство. Вкупниот број на заразени е 93.435, а најмногу заразени има во Мексико Сити.

Треба да знаете
Последни објави