Search

Ди Каприо го прозва премиерот на Федерацијата БиХ поради уништувањето на реките

Оскаровецот Леонардо ди Каприо уште еднаш ги прозва сојузниот премиер Фадил Новалиќ и Владата на ФБиХ кои сè уште не сториле ништо конкретно за да ги заштитат реките во БиХ од изградба на мали хидроцентрали.

Овој пат, во својот нов пост на социјалните мрежи, Ди Каприо се осврнува на позитивните вести од Албанија, каде што областа на реката Вјоса ќе биде прогласена за национален парк. Ова го поттикна славниот актер уште еднаш да потсети на небрежноста на властите во БиХ.

„Додека чекаме сојузниот премиер и неговата влада во Босна и Херцеговина да преземат законски чекори за заштита на реките, синото срце на оваа земја, од понатамошно уништување со изградба на мали хидроцентрали, ветувачки вести доаѓаат од Албанија. Вјоса, една од последните големи диви реки во Европа, може да се спаси“, напиша Ди Каприо.

Тој потсетува дека албанскиот премиер Еди Рама на 25 септември годинава информираше дека е одбиен проектот за изградба на браната Каливац и дека областа ќе стане национален парк.

„Очекувам добра вест за конкретни активности за трајна и целосна заштита на реките во Босна и Херцеговина, Албанија и остатокот од балканскиот регион“, заклучи актерот, пишува Кликс.

Новалиќ вчера имаше работна средба во Владата на ФБиХ со надлежните министри за, како што е најавено, краткорочни мерки и активности што ќе бидат преземени што е можно поскоро, а сето тоа врз основа на претходниот заклучок на Парламентот на Федерацијата БиХ за целосна забрана за изградба на мини хидроцентрали, како и врз основа набарањето на претставници на невладини организации од Коалицијата за заштита на реки.

Треба да знаете
Последни објави