Search

Дисциплинска за инспекторот Илиевски кој отвори постапки за Адеми и Нухиу

Вишиот просветен инспекторат покрена дисциплинска постапка за инспекторот Ѓорѓи Илиевски, кој пред неколку месеци, по извршената контрола во Тетовскиот универзитет откри нерегуларности со унапредувањата на звањата на тројца функционери министерот за образование Арбр Адеми, заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули.

-Покренатата дисциплинска постапка се однесува на неговото изнесување на факти за предмети кои немаат конечност во постапката. При тоа од негова страна се изнесени факти за предмети кои се во развојна фаза и не се реализирани-велат од државниот просветен инспекторат.

Инспекторот Илиевски вели дека за дисциплинската против него дознал пред два дена. Тврди дека е покрената само за да го замолчат. Уверува дека пред да го добие известувањето за дисциплинска постапка, добил неколку опомени и предупредувања од страна на директорот на Инспекторатот, Томе Спировски и државниот инспектор, Африм Салиу.

Тој додава дека на седницата на која ќе биде разгледала дисциплинската постапка, побарал да има претставници на Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет. Воедно Илиевски побарал заштита од Антикорупциска, од каде пред извесно време порачаа дека ќе отворат предмет и дека ќе го истражуваат целиот случај. Функционерите кои беа предмет на истрага, беа унапредени во доценти, иако според законот, оваа нивна функција е во мирување додека се на државни позиции. Кога последен пат беше прашан околу ова Адеми ги охрабри надлежните институции да ја вршат нивната работа. Просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски на 19 јули треба да се појави пред дисциплинска комисија во Државниот просветен инспекторат во 10 часот. Илиевски бара седницата да биде отворена, со цел, како што вели, јавноста да ја дознае вистината. За дисциплинската постапка реагираше Арбен Таравари од Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар. Тој на својот фб напиша, наместо да се поддржуваат луѓето кои пријавуваат незаконитости и нерегуларности, истите се осудуваат и прогонуваат.

Треба да знаете
Последни објави