Search

Дистрибуција на хуманитарни пакети во Пунктот за бездомници

 Во рамки на одбележувањето на „Светскиот ден на бездомништво” денеска во Пунктот за бездомници при Црвениот крст во Момин Поток ќе бидат поделени дел од 80 хуманитарни пакети со храна и средства за заштита и дезинфекција од Ковид- 19.

Инаку, в петок во Пунктот за бездомници при Црвениот крст во Момин Поток, традиционално ќе се одбележи „Светскиот ден на бездомништвото” според сите препорачани мерки за заштита од Ковид- 19.

Од Црвениот крст на град Скопје соопштија дека заради големиот број на корисници кои треба да бидат опслужени, дистрибуцијата ќе се одвива во два дена, денеска и в петок.

– За време на пандемијата, покрај редовните мобилни тимови кои даваа поддршка на нашите граѓани, беше формиран и посебен мобилен тим за поддршка на бездомниците. Од 15 март до 01 август, пунктот беше посетен 2.789 пати од страна на бездомните лица, беа реализирани 603 посети на лекар, реализирани беа 42 стручни-советодавни разговори од страна на психолог, поделени се 2.128 парчиња лекови и 7.999 парчиња облека. Во истиот период беа поделени 2.017 заштитни маски за бездомниците и 1.816 пакетчиња влажни марамици, се наведува во соопштението од Црвениот крст.

Пунктот за бездомници е поддржан од страна на Град Скопје  веќе 12 години и функционира на истата локација во Момин Поток. Секоја среда и петок бездомните лица добиваат хигиенски услуги (бањање, шишање, бричење), чиста облека, можност да се испере старата облека, храна, прегледи од лекар и бесплатни лекови според потребите, психосоцијална поддршка, услуги од социјален работник (вадење на документи и поддршка на обезбедување на услуги од системот на социјална заштита).  Преку пунктот, појаснуваат во соопштението од Црвениот крст, корисниците секоја зима добиваат топла облека, обувки, ќебиња, вреќи за спиење, а според потребите се отвара и привременото преноќувалиште.

Треба да знаете
Последни објави