Search

Дискусија: Унапредувањето на безбедносниот систем е условен од брзината на реформите во оваа област

Унапредувањето на безбедносниот систем е условен од брзината на реформите во оваа област, што ќе овозможат развој на безбедносниот систем на Северна Македонија и поголема стабилност на земјата, беше во фокусот на академската дискусија „Предизвиците на Република Северна Македонија пред и по членството во НАТО”.

Деканот на Факултетот за безбедност-Скопје, Никола Дујовски, рече дека земјава долг период се обидуваше да стане членка на НАТО.

– Република Македонија 27-28 години не успеа да стане членка на НАТО, иако Армијата, и сите други безбедносни структури вложија натчовечки напори и јас сум сигурен дека се подеднакво подготвени и опремени како добар дел од армиите во НАТО, но не успеа. Република Северна Македонија ќе успее за помалку од една година. И тоа ја прави разликата начинот на користење на новото име на државата да биде поедноставен и полесен, и повеќе луѓе побрзо да прифатат дека таа нова држава, Северна Македонија, ќе успее наскоро да ги отвори и преговорите за членство во ЕУ, што ќе ни даде уште поголем поттик да работиме во областа на безбедноста, рече Дујовски.

Посочи дека за нас членството во НАТО е повеќе од добра инвестиција.

– Се што сме вложиле во изминатите три децении и што ќе вложуваме понатаму, а притоа зголемувајќи го процентот од бруто-домашниот производ, што ќе мораме да го одделуваме за членството во НАТО, ќе биде една од најисплатливите инвестиции што државата ги направила, рече деканот на Факултетот за безбедност.

Оцени дека не постои ниту една држава или организација, што ќе може на кој било начин да го попречи овој процес, и оти само треба да се следат процедурите во државите-членки, и да се заврши сето тоа, како што рече, во оптимистичката варијанта до крајот на оваа година, или во првите неколку месеци на наредната година.

Претставникот на Фондацијата „Конрад Аденауер” Јоханес Раи, истакна дека НАТО е успешен проект стар 70 години и оти почнал како сојуз со 12 земји основачи.

– По распаѓањето на Советскиот сојуз вкупно 13 дополнителни членки влегоа во НАТО од Централна и Источна Европа. Се надевам дека Северна Македонија наскоро ќе стане 30-та членка на Алијансата, рече Раи.

Според него, НАТО денес се соочува со бројни предизвици, како што се хибридните војни, кибер нападите, лажните вести што со огромна брзина се шират преку социјалните мрежи, и оти на овој план, како што рече, Алијансата мора значително да се подобри.

Истакна дека НАТО не е само воен сојуз, туку и политичка организација, што значи треба тесно да соработува со владите и со невладиниот сектор, да превенира и да помага при катастрофи, да ја зајакне цивилната улога.

На дискусијата беа промовирани учебникот „Вовед во безбедноста” од д-р Цане Мојановски, д-р Марјан Ѓуровски и д-р Гојко Павловиќ и монографијата „Индекс на безбедност 2″.

Еден од авторите на учебникот „Вовед во безбедноста”, д-р Марјан Ѓуровски, рече дека членството на државата во НАТО е потврда на територијалниот интегритет и суверенитет на земјата.

– Но Алијансата нема волшебно стапче за да ги реши нашите домашни, безбедносни и политички проблеми. Со добивање на поканата за членство, се потврди дека на Алијансата и е потребен кредибилен партнер, кредибилен играч кој ќе одлучува заедно на зелената маса, и доколку сакаме од резервната клупа да се префрлиме на фудбалското игралиште, треба сега поодговорно да се свртиме кон дома, рече Ѓуровски.

Во двете книги акцентот и заклучоците се ставени на тоа дека сегашната поставеност на безбедносниот систем на земјава треба да се доградува во насока сè повеќе и понагласено да дава одговор на кризите, заканите и загрозувањата и оти затоа се наметнува потребата од градење соодветни безбедносни политики преку нови стратегии, доктрини и концепции.

Треба да знаете
Последни објави