Search

Директорите на ученичките и студентските домови бараат повеќе пари од државата

Здружението на директори на ученичките и студентските домови во државата бара зголемување на партиципацијата за ученик, студент која ја добива од државата.

Тие денеска се сретнаа со министерот за образование и наука, Арбен Адеми, и заменик-министерот Петар Атанасов при што разговараа за проблемите во ученичките и студентските домови со фокус за можностите за корекција на средствата што ги уплатува државата.

„За 16 години партиципацијата од Министерството за образование и наука претрпе само една измена со зголемување за 10 отсто. Оваа сума ни одблиску не ги покрива трошоците околу сместувањето на учениците/студентите, режиските трошоци и исхраната за учениците и студентите, особено по одлуката на Влада за задолжително средно образование со што се отежна буџетот на студентските и средношколските домови. Станува збор за 26 домови, 18 ученички и 8 студентски домови“, велат од Здружението.

Дополнително Здружението на директори на ученичките и студентските домови бара партиципацијата да се плаќа 12 месеци од причина што тековните трошоци и плати за вработените се реализираат во текот на целата година.

Од Здружението велат дека работат на подобрување на условите во домовите. Тие оценуваат дека затекнатите состојби, сепак, се на незадоволително ниво па наместо за нови инвестиции се исплаќаат долгови.

„Наша цел е учениците и студентите да имаат соодветни услови за стекнување на своето образование. Здружението на директори на ученичките и студентските домови секојдневно работи за остварување на тоа“, додава здружението.

На средбата присуствуваа и претставници од Кабинетот на премиерот, Министерството за финансии и Министерството за информатичко општество.

Треба да знаете
Последни објави