Search

Директорите на националните телевизии очекуваат оставка од Зоран Трајчевски

По изјавите на Здружението на информатичко-комуникациски технологии вчера дека едногласно имаат одлучено да го прекинат реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали преку македонските оператори, за што се обединети сите оператори, денеска својот став на прес конференција го искажаа директорите на националните телевизии. Телевизиите се жалат на нелојална конкуренција и посочија примери во кои тие ги откупиле авторски права, а кабелските оператори, без авторски права пренесуваат иста содржина, каков што е примерот со Европското првенство во ракомет. Атанас Кировски од Телма рече дека е негативно изненаден од ниската општествена одговорност на кабелските оператори.

– Во време кога Владата апелира бесплатно да емитуваме информативни спотови за заштита од коронавирусот, кога сме во очекување да ги почнеме преговорите со ЕУ и кога треба да известуваме за изборните резултати, тие сакаат населението да го стават во информативен мрак. И сето тоа само затоа што од нив е побарано да престанат да крадат авторски права и да ја регулираат нелојалната конкуренциј, истакна Кировски.

Законот за кабелските оператори, како што рече тој, е донесен во 2018 година, по што операторите се пожалиле дека не се подготвени. За таа цел им бил одобрен рок од 12 месеци да го имплементираат Законот.

– За ваквиот однос од страна на АВМУ, очекуваме оставка од директорот Зоран Трајчевски, рече Кировски.

Инаку, операторите се заканија дека ќе ја пренесуваат само програмата на јавниот сервис – МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал. Ваквата одлука на Здружението на информатичко-комуникациски технологии се должи на новите измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), што Собранието на РСМ го донесе на 16.02.2020 година, на денот на распуштањето, по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа.

Треба да знаете
Последни објави