Search

Динго влегло во камп во Австралија и за врат одвлекло бебе, таткото успеал да го спаси

Татко успеал да го спаси својот едногодишен син откако детето било нападнато од диво куче динго, додека семејството престојувало на австралиски туристички остров, соопштија официјални претставници, а пренесе Би-би-си.

Во четвртокот дингото го нападнало 14-месечното дете додека тоа спиело во комбе за кампирање. Дивото куче влегло во возилото, со забите го зграпчило детето за врат и го извлекло надвор.

Родителите се разбудиле од криците на нивниот син, кои се оддалечувале од приколката. Таткото веднаш истрчал, го зграбил детето и го извлекол од челуста на кучето.

По нападот, детето имало две подлабоки повреди на вратот и исеченица на главата, па било префрлено во болница на лекување.

Годинава, ова е трет напад на диви австралиски кучиња на островот Фрејзер, а во сите три случаи жртвите биле деца.

Најпознатиот случај на напад на динго е оној од 1980 година кога од камп во билизина на карпата Улуру исчезнало двомесчното бебе Азарија Чемберлен.

Нејзината мајка беше осудена за убиство и помина три години во затвор пред да се утврди дека нејзината ќерка всушност била однесена од динго.

Се верува дека австралиските диви кучиња потекнуваат од домашно куче донесено од Индонезија пред 3000 до 4000 години.

Треба да знаете
Последни објави