Search

Димовски: Преку Законот за стратешки инвестиции, СДСМ сака да даде предност на свои компании

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски обвини дека СДСМ преку Законот за стратешки инвестиции кој го донесоа на вчерашната седница сакаат во изборен период од политички орган составен од политичари со класични политички одлуки да даваат бенефиции на веќе очигледно договорени зделки, без цврсти критериуми со однапред познати фирми и компании.

Димовски вели дека законот бил предложен по скратена постапка, со европско знаменце, а притоа направен бил фалсификат, бидејќи регулативата на која се повикува не тангира повеќе од 90 проценти од содржината на овој закон.

Според него, Владата на СДСМ на овој начин додава нови 12 области кои воопшто не се предмет на наведената регулатива, со што се прави поширока дефиниција за тоа што е всушност стратешка инвестиција.

„Според дефинициите во законот, со овој закон дури и инвестиции коишто се однесуваат на подигање на плантажи со марихуана може да добијат статус на стратешки инвестиции. Овој закон предвидува и формирање на Комисија за стратешки инвестициони проекти која ќе ја сочинуваат премиерот и неколку министри, како и генералниот секретар на Владата како постојани членови, како и министри и градоначалниоци во зависност од областа и локацијата на веќе замислените инвестициски проекти на за нив омилени компании. Влада со овој закон си остава простор за потенцијални злоупотреби, криминал и корупција, давајќи им бенефиции и повластен статус на очигледно претходно одбрани компании“, рече Димовски.

Спроведувањето на овој закон, вели Димовски, за жал, нема да подлежи на никаква стручна, експертска или каква било друга надворешна контрола.

„Она што е значајно да знаете е дека во самиот закон се предвидува дека тој ќе стапи во сила веднаш по неговото донесување, што не е пракса за другите закони во Собранието, заради тоа со објавување во ‘Службен весник’ секогаш се остава простор од најмалку 8 дена за стапување во сила на законите. Втората сомнителна работа е тоа што со овој закон Владата предложи, а Собранието ја задолжи во рок од 7 дена таа да ги подготви подзаконските акти, што исто така е лудо, знаејќи колку е бавна и неработлива оваа Влада, освен ако сето тоа не е подготвено по нарачка на одредени компании пред донесувањето на овој закон“, рече Димовски.

Пратеникот додаде дека СДСМ дури и на одење се обидува на криминален начин да даде бенефиции за нив веќе познати компании.

Треба да знаете
Последни објави