Search

Димовски: Не го сопираме изборот на членови на АВМУ и на Програмскиот совет на МРТВ

„Ние сме совршено свесни дека СДСМ сака да се однесува како да е сопственик и како да има монопол, не само врз Собранието туку и во целокупната држава Република Македонија, но тоа нам не ни дозволува да постапуваме според волјата на СДСМ. Комисијата за прашањата за изборите и именувањата, иако во ваков чуден однос, во  мандатот досега ги спроведува  успешно сите постапки. Од тој аспект, јас како претседател на Комисијата за прашања за избори и именувања се обидувам пред да го почнеме процесот да има минимални шанси дека тој процес ќе биде успешен и дека нема да биде заглавен како многу други процедури и постапки во Собранието и државата воопшто”, изјави Илија Димовски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.

Тој вели дека во претходните два месеца остварил контакти и комуникација со повеќе лица од повеќе пратенички групи во Собранието во насока да стимулира што е можно побрзо започнување на процедурата за избор на членови на АВМУ и на Програмскиот совет на МРТВ, со замолница до политичките партии претставени во Собранието да почнат дијалог што ќе значи минимални услови за успешност на процедурата.

„За возврат, не постои никаков контакт и никаква желба за дијалог од владејачкото мнозинство во Собранието. Должен сум да ве информирам како претседател на оваа комисија дека оваа постапка за избор на членови на АВМУ и Програмскиот совет на МРТВ е во согласност со законот што беше изгласан едногласно од Собранието со поддршка од опозицијата. Ако опозицијата имала намера да кочи, ќе кочела уште во таа фаза. Но, новата постапка, која е предвидена во законот, за овие две тела предвидува двотретинско мнозинство во комисијата, значи од 13 членови со право на глас, треба 9 да гласаат ‘за’ за сите поединечни предлози, а кога ќе дојде на пленарна седница треба двотретинско мнозинство и бадентерово мнозинство. Значи постапката е исклучително комплицирана и е сосема различна од сите постапки досега.
Односот на СДСМ како кон оваа процедура така и кон се во државата сè уште е на ниво на еуфоријата на почетокот на нивниот мандат кога мислеа, а за жал, сè уште, мислат, дека се сопственици на Собранието и дека се сопственици на државата.

Јас како претседател на Комисијата за прашања за изборите и именувањата морам да се движам во согласност со процедурите и законите и да обезбедам успешна работа на комисијата.
Доколку досега ја почнев процедурата за избор на членови на овие две тела сигурен сум дека таа процедура ќе завршеше неуспешно, па ќе требаше да влеземе во нови постапки за објавување нови конкурси и дополнително одолговлекување на постапките за избор на членови на овие две тела. Од тој аспект, мојот апел до СДСМ е да си ги намалат емоциите, да го тргнат чувството дека се сопственици на државата и на Собранието, да научат дека во ова Собрание има 120 пратеници од повеќе од 15 политички партии и да разберат дека Собранието подразбира дијалог и минимум разбирање помеѓу 120 пратеници”, додава тој.

Треба да знаете
Последни објави