Search

Димовски: Направивте СДСМ да биде погрчка партија од најгрчката

Нема прекршување на Преспанскиот договор од страна на Рашела Мизрахи, тврди ВМРО-ДПМНЕ. Проблемот со нејзиното разрешување е во свеста и потсвеста на некој од Владата.

Илија Димовски на вечерашната собраниска расправа во рамки на 136. седница рече дека употребата на името Северна Македонија согласно преспанскиот договор сé уште не е обврска и побара предлогот за разрешување на Мизрахи да биде повлечен.

Тој истакна дека министерот за земјоделие го прекршува уставот како и ред други функционери во власта кои противно на уставот го смениле името во Северна Македонија па нив не им покажува сила туку на Мизрахи.

-Заради ова ќе ја разрешувате Мизрахи, затоа ќе предизвикувате политичка криза? Направивте СДСМ да биде погрчка партија и од најгрчката. Ги терате со сила кутрите пратеници по 17 пати да го употребуваат новото име. Соберете ја вашата пратеничка група и кажете и да се подготвува за пораз на изборите, истакна Димовски.

Според координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, ваквото однесување на СДСМ го покажува стравот од избори поради што се настојува да се предизвика криза.

Претходно, техничкиот премиер Оливер Спасовски, образложувајќи зошто предложил разрешување на Мизрахи, апелира ВМРО-ДПМНЕ да покаже демократски капацитет, да го надмине партискиот интерес и да даде максимум како дел од преодната влада за добро на граѓаните и државата. Рече и дека очекува нов предлог за министер од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Треба да знаете
Последни објави