Search

Димовски бара од пратениците да ги отфрлат измените на Законот за УЈП

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски инфромира дека во текот на денот до сите пратеници во Собранието ќе ги достави Соопштението на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Иницијативата на Македонска банкарска асоцијација, членот 18 од Уставот на Република Македонија и членот 5 од Законот за заштита на личните податоци, со цел да ги имаат во предвид при гласањето на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за банките и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи.

Како што посочи Димовски при утврдување на дневниот ред на 71-та седница на Собранието на 18 декември тој побара да бидат тргнати точките Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за банките, по скратена постапка и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи, по скратена постапка, бидејќи како што посочи со овие законски измени се предвидува УЈП да има пристап до трансакциската сметка на секој граѓанин со што се прекршува член 18 од Уставот на Република Македонија, кој гласи: „Се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците“, посочи Димовски.

Доколку се прифатат законските измени, носителите на платниот промет односно, банките ќе имаат обврска до крај на февруари да ги достават сите податоци за прилив на средства на сметки на физички лица за 2018 година, вели Димовски.

„Податоците кои ги бара УЈП се однесуваат на банката, физичкото лице – примач (ЕМБГ, основ на прилив) и налогодавачот (назив и седиште, односно име и презиме и адреса доколку е физичко лице, износот на приливот, земја од кај што е налогодавачот и др.). Доколку овие законски измени стапат во сила, банките ќе бидат обврзани да ги доставуваат горенаведените податоци најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец“, се наведува во соопштението на Димовски.

Тој посочи и дека очекува сите пратеници да застанат на страна на граѓаните и да ги отфрлат предложените измени и дополнување, со цел да не ја нарушат сигурноста и тајноста на личните податоци.

Треба да знаете
Последни објави