Search

Димковски во Словенија: Воведувањето на нови технологии за земјоделците е клучно за модерно и конкурентно земјоделство

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, од денеска во следните два дена е во официјална посета на Република Словенија. Во рамки на посетата, министерот Димковски ќе присуствува на отворањето на 57-мото издание на Меѓународниот саем за земјоделство и храна АГРА 2019.

Во рамки на саемот, министерот Димковски присуствуваше и имаше обраќање на министерската конференција, на којашто годинава темата беше „Зајакнување на генерацијата и трансфер на знаење за развој на земјоделството и руралните средини“.

Димковски во своето обраќање посочи дека во период кога негативните последици од климатските промени се зголемуваат а потрошувачите очекуваат континуирано производство на квалитетна и безбедна храна, од исклучителна важност е воведувањето на нови технологии и модернизација на земјоделското производство. Тоа ќе придонесе за намалување на загубите, порентабилно производство и обезбедување на континуитет во производството на безбедна храна, потенцираше Димковски.

„Овие цели се приоритет на секоја држава која цели кон создавање едно модерно, развиено и конкурентно земјоделско производство. Владата на Република Северна Македонија активно работи на земјоделски иновативни системи и на унапредување на информациските и комуникациски технологии, како и на нивниот трансфер до земјоделците. Советодавните услуги за земјоделците играат многу важна улога во пренесувањето на знаењето, бидејќи тие се каналот за трансфер на информациите директно до земјоделците. Како ресорно министерство го финализираме новиот предлог Закон за советодавни услуги во земјоделството, со кој што ќе се воспостави ефикасен советодавен систем во земјоделството. Овој систем ќе овозможи зголемување на опфатот на корисниците на советодавни услуги финансирани од страна на државата, подобрување на квалитетот на обезбедените услуги, како и целосна усогласеност на советодавните активности со приоритетите и целите на земјоделската политика“, изјави министерот Димковски.

При тоа, Димковски посочи дека Владата активно работи и на воспоставување на Системи за Земјоделски иновации унапредување на инфраструктурата на информатичките и комуникациските технологии.

„Со воспоставувањето на дигиталниот информациски систем за почвите, системот за идентификација на земјишните парцели, разните регистри и бази на податоци, составувањето на Интегриран Систем за Администрација и Контрола, го подобривме програмирањето и имплементацијата на политиките за земјоделство и рурален развој, како и процесот на одлучување. Поднесувањето на барањата за државна поддршка се врши по електронски пат, врз основа на дигитализирани земјишни парцели на орто-фото површините на Земјишни Парцели и Системот за Идентификација (LPIS)“, изјави министерот Димковски.

На саемот АГРА 2019 има 1.850 изложувачи од 32 земји. Оваа година фокусот е ставен на дигитализација на земјоделството, воведување на нови технологии, органско производство, меѓународна трговија и друго. Република Северна Македонија има свој штанд на којшто македонски компании од агро секторот ги промовираат своите земјоделско-прехранбени производи. Меѓународниот саем за земјоделство и храна АГРА 2019, претставува добра можност за размена на искуства помеѓу ресорните министерства од европските и земјите од регионот, развивање на институционална комуникација, а во насока на отворање на нови пазари за извоз на македонските земјоделско-прехранбени производи. Минатата година Република Северна Македонија беше земја партнер на АГРА 2018, а оваа година е Австрија.

Треба да знаете
Последни објави