Search

Димитров: Упадот на Стоилковски може да продуцира политичко насилство

Кандидатот за пратеник и носител на листа на СДСМ во ИЕ 1 Никола Димитров, денеска на својот Фејсбук профил реагираше за вчерашниот упад на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на неговата прес-конференција.

-Безобразниот упад на портпаролот на Здружението на мојата вчерашна прес-конференција веднаш го разбрав како обид за дефокус од клучните теми – правда и казнивост. Ако беа подготвени да измачкаат раце со крв и да нападнат институции само за да не одговараат, се разбира дека се подготвени да прават кловнови од себе. Но, ако убаво размислиме зад овој врвен примитивизам се кријат и многу други опасни пораки и за граѓаните и за земјата, напиша Димитров на Фејсбук.

Според него, ваквото поимање и практикување на политиката, кога битката се гледа низ личен судир и девалвација, кога идејата водилка е провокација на противникот, кога главното остварување е заедничко валкање во калта, во општества со олку силна поларизација може да биде исклучително опасно.

-Вчера многу пријатели ми велат – само јас сум имал нерви да останам смирен на тоа безобразие. Но, токму тоа ме загрижи. Зарем политичкото милје ќе го сведеме на тест за тоа кој има повисок праг на толеранција и почелични нерви!? Не зборувам тука само за тоа што на овој начин кампањата станува шунд и евтин театар на сметка на суштински обраќања до гласачите, туку на опасната порака што се праќа до поддржувачите од сите бои – дека ова „ниво”, што реално може да продуцира политичко насилство, не само што е дозволено туку е и поттикнато директно од партиски функционери.

Додава дека „оваа бесрамна согласност за бербатење на сопствениот политички образ само за да се фрли некоја валканица на лицето на противникот, го открива вистинскиот нивен лик – на насилство, примитивизам и регрес, на слугување, на себепонижување и копање во дното”.

-Мене ми е срам, јас како граѓанин сум навреден, што луѓе од овој сој, коишто во секое општество во 21 век се на екстремистичките политички маргини, кај нас денеска се во позиција да трчаат за сериозни политички функции. Затоа, ова не смееме да го дозволиме и да се залажеме да помислиме ова да го сведеме на обичен театар и на 2пуштете ги, тоа им е нивото”, пишува Димитров.

Димитров на крајот додава дека „одговорот треба и ќе го добијат на 15 јули во форма на масовна излезност и гласови за конечно да ставиме точка на оваа политичка беда”.

https://www.facebook.com/NDimitrovMK/posts/2750003955213006?__xts__%5B0%5D=68.ARCeOHzcggvb4aGSrAqAlAEGV_LgnMcwCV1wZ0ncI-2O6ScXOSKGKCgf-lTyQ8t3gW4GkU2ed1Ye0UiA4tAna9HajaDpyd5Bta8XwLM02iym7JdzDb4j9LMDiillhKsdMITNc1oJIcOCa2zJYhpMxP829puJ4SwQlEdVxFRpDc9GETvAjY6BYd6xCfU78vEwcqQRHgmWrkeJDqivZ7t97vg_JHIVMAtS543bNYjV_7fswwg6FPF-kGOYf8sNsUG1qn02SN0IYvVDu8aBDVfocqyWpATQ5O0WH6K2BckDcCOc08caSQxYPH7pdd__ln5fbWO1MBQzJZ69znelYZCkctOd&__tn__=-R

Треба да знаете
Последни објави