Search

Димитров со амбасадорите од ЕУ: Да се донесе одлуката за почеток на преговори

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, денеска во Брисел имаше работна средба со амбасадорите на земјите-членки при Европската Унија (КОРЕПЕР), во организација на финското претседавање со ЕУ.

Димитров потсетил на севкупните постигнувања на земјата во изминатиот период, како на домашен план, така и на планот на унапредување на добрососедските односи и апелирал земјите-членки да ја донесат одлуката за почеток на пристапните преговори во октомври, врз основа на конкретните резултати и постигнувања истакнувајќи дека ваквата заслужена одлука ќе го зајакне влијанието и кредибилитетот на ЕУ во земјата, но и пошироко во регионот и ќе служи како поттик за понатамошна демократска трансформација на нашето општество.

Во дискусијата со присутните амбасадори по неговото обраќање Димитров уште еднаш укажал дека и покрај одредени предизвици и несовршености, земјата покажала зрелост, одговорност и силна политичка волја за реални промени и напредок.

-Македонската приказна е можност за заеднички успех со ЕУ, истакнал Димитров.

По состанокот со амбасадорите, шефот на дипломатијата имал излагање на настан организиран од страна на германскиот Маршалов фонд во Брисел, насловен „Од Преспа до Брисел: Патот на Северна Македонија кон европската и евро-атлантската интеграција”.

Димитров се осврнал на значењето на решавањето на повеќедеценискиот спор со Грција, за чекорите кои довеле до постигнувањето на историскиот Преспански договор, кој, како што се наведува, ја отклучи вратата и потенцијалот за соработка на повеќе полиња од заемен интерес во насока на придобивки на сегашните и идните генерации, како и за европската и евро-атлантската перспектива на нашата земја.

Во тој контекст, министерот се осврнал и на изгледите за полноправно членство на Република Северна Македонија во НАТО во светло на охрабрувачкото темпо на ратификации на Пристапниот протокол од страна на земјите членки на Алијансата.

Како што се посочува во соопштението, тој особено ја истакнал потребата за давање на зелено светло од страна на ЕУ членките за продолжување на евро-интегративниот пат, потенцирајќи дека таквата одлука би била вистински сигнал за прогресивните и проевропски сили, како и за целиот регион, во смисла на тоа дека европската перспектива е реална и достижна и вреди за истата да се вложи енергија и политички капитал при решавање на тешки отворени прашања.

Димитров нагласи дека Западен Балкан е всушност „остров опкружен со ЕУ земји-членки” и дека отворањето на можноста за фер натпревар меѓу кандидатите базиран врз индивидуални заслуги и кредибилен скрининг особено во клучните области, всушност еден ден ќе доведе до комплетирање, наместо до проширување на Европската Унија, се посочува во соопштението. 

За време на двата дена работен престој во Брисел, министерот Димитров, реализираше и средби со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и со шефот на Кабинетот на претседателот на Европскиот совет, Пјотр Серафин, како и повеќе разговори со претставници на дипломатскиот кор, на ЕУ институции и НАТО Генералниот секретаријат, како и на политичката, медиумска и бизнис заедница во Белгија, за време на приемот организиран од страна на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Брисел по повод 8 Септември.

По завршувањето на работната посета на Брисел, попладнево МНР Димитров ја продолжува европската турнеја со работна посета на Берлин. 

Треба да знаете
Последни објави