Search

Димитров: Свесни сме дека да се биде Европеец не значи само зачленување во ЕУ

Mинистерот за надворешни работи Никола Димитров во Париз учествуваше на состанокот на високо ниво на француско-германската иницијатива за борба против недозволена трговија со лесно оружје во земјите од Западен Балкан.

Во своето обраќање, Димитров најнапред ја потенцираше важноста од соработка и интеграција на регионот во ЕУ, експлицитно демонстрирано во екот на мигрантската криза во 2015 година.

„Свесни сме дека да се биде Европеец не значи само зачленување во ЕУ, туку и сет на вредности и практики на добро управување, владеење на право, борба против корупција, незаивисни и силни институции“, истакна Димитров.

Во контекст на исполнување на стандардите за членство во ЕУ, министерот изрази подготвеност за уште потесна соработка во однос на безбедносните прашања од различен вид, вклучително и контролата на илегална трговија со мало и лесно оружје, во интерес на креирање побезбедни општества за нашите граѓани и борба против организираниот криминал.

„Патоказот за изнаоѓање одржливо решение за незаконско поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и муниција во Западен Балкан до 2024 година, усвоен на Самитот за Западен Балкан во Лондон на 10 јули 2018 година, претставува одлична рамка, комплементарна на веќе постојните национални и регионални иницијативи, за засилување на контрола и непролиферација на мало и лесно оружје“, додаде Димитров.

Министерот во рамки на работната посета на Париз, ќе се обрати и во Фондацијата Роберт Шуман на тема „Европската перспектива на Македонија по Договорот со Грција”, а утре, во францускиот парламент, Димитров ќе се сретне со претседателката на Комисијата за надворешни работи и со група пратеници.

 

Треба да знаете
Последни објави