Search

Димитров: Ни претстои уште една важна година како регион

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров оствари средба со новиот Генерален секретар на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу. На средбата Министерот изнесе задоволство од визијата и планот за понатамошни активности, како во однос на нејзините приоритети и идните активности на регионален план, така и во насока на заеднички напредок на Регионот.

„Ни претстои уште една важна година како регион. Силно сме посветени на заедничката работа која ќе вроди регионални придобивки. Подготвени сме да бидеме дел од напредокот секогаш кога напредок е можен“, изјави Димитров.

Тој додаде дека придобивките за граѓаните од Самитот на Берлинскиот Процес во Познан (јули 2019-та) се отсликуваат во сферата на дигитализацијата, мобилноста на младите и подобрување на инвестициските услови. Заложбата на секоја од земјите од регионот, во исполнување на обврските ќе се рефлектира на квалитетот на животот на граѓаните, а тоа е основната цел на сите напори.

Покрај упатените честитки на Брегу за нејзината нова функција и успех во нејзините напори за зајакнување на регионалната соработка и поддршка во активностите на патот кон Европската Унија, средбата беше искористена и за претставување на нејзините идни активности.

Во разговорот позитивно беа оценети активностите и придобивките од соработката во рамките на Советот за регионална соработка, како и развојот на соработката во рамките и на други регионални и мултилатерални организации.

Треба да знаете
Последни објави