Search

Димитров: „НАТО“ – повеќе од Алијанса за стабилност и безбедност

На покана на претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Македонија и Амбасадата на Република Словенија во Република Македонија, денеска, Министерот Димитров учествуваше на панел дискусија насловена „НАТО – повеќе од Алијанса за стабилност и безбедност”, што се одржа во Собранието на Република Македонија.

Настанот беше поддржан од Министерството за одбрана и Евро-Атлантскиот совет на Македонија, кој се одржува во рамките на официјалната посета на министерот за одбрана на Република Словенија, Карл Ерјавец.

Во своето излагање на панелот, министерот Димитров ја акцентираше важноста од интеграцијата на земјата во Алијансата, како наша долгорочна стратешка цел и визија на многу македонски генерации, земјата да биде дел од големото европско и евро-атлантско семејство, безбедносно сигурна, економски просперитетна и политички стабилна.

Во оваа прилика МНР Димитров, истакнувајќи ги придобивките од членството на земјата во Алијансата, го пренесе своето уверување дека со нашето членство во НАТО, дополнително ќе се зајакне безбедноста и стабилноста на земјата, а ќе послужи и како позитивен пример во регионот, директно придонесувајќи за регионалната безбедност и стабилност:

„Членството во НАТО покрај стабилност, предвидливост, сигурност, значи и семејство на вредности. Да се биде моќна држава не значи само да се има моќна армија, туку силна демократија и силни институции кои ќе го насочуваат компасот во вистинскиот правец“

На панел дискусијата говореа и заменик претседателот на Владата и министер за одбрана, Радмила Шекеринска, претседателот на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, Хари Локвенец, а се обратија и Министерот за одбрана на Република Словенија, Карл Ерјавец како и амбасадорот на Словенија во Република Македонија, Милан Јазбец.

Треба да знаете
Последни објави