Search

Димитров-Мелешкану: Реафирмирани заложбите на Романија за отпочнување на преговорите со ЕУ за време на нивното претседавање

 Романија е цврство посветена на добивање одлука за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ за време на нивното претседавање со Унијата. Ова било истакнато на средбата  на министерот за надворешни работи, Никола Димитров со неговиот романски колега Теодор Мелешкану, на чија покана вчера и денеска престојува во официјална посета на Романија.

Како што соопшти МНР, за време на пленарните состаноци на двете делегации, предводени од министрите Димитров и Мелешкану, се разговараше за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, кои беа окарактеризирани како одлични и пријателски, а беа предложени и нови иницијативи за натамошно развивање на економската соработка, но и во областа на други значајни сектори. Беа разменети мислења за иднината на регионот и регионалната соработка.

Постои задоволство за динамиката со која се развиваат билатералните односи, при што би се издвоила соработката во областа на европските интеграции, кое може да се огледа и од денешното потпишување на Меморандумот за соработка меѓу министерствата за надворешни работи на двете држави во областа на европските интеграции.

Министерот Димитров се заблагодари за цврстата поддршка на Романија за членството во ЕУ и НАТО, нагласувајќи дека согласно својот демократски и реформски исчекор, Северна Македонија очекува добивање одлука за почеток на пристапните преговори со Европската Унија.

-Традиционално блиските билатерални односи со пријателска Романија се потврдуваат и со големата поддршка која ја добиваме за нашиот евроинтегративен процес. Заложбите на Романија за отпочнување на преговори со ЕУ за време на нивното претседавање се повеќе од мотивирачки, рече Димитров, стои во соопштението. 

Слични пораки беа упатени и за време на средбата со министерот за европски прашања, Џорџ Чамба, на која детално се разгледуваа очекувањата од јунскиот Совет на ЕУ и уште еднаш од романската страна беше истакната цврстата волја и посветениот ангажман за добивање на одлука за преговори за време на нивното претседавање со Советот на ЕУ.

Министерот Димитров имаше средба и со потпретседателот на Долниот дом на романскиот Парламент, Кармен-Илеана Михалческу. Димитров упати благодарност до сите свои соговорници и за брзата ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на романскиот Парламент. Со заменик-претседателот на Домот на пратениците, Михалческу, се разговараше и за унапредување на парламентарната соработка меѓу двете земји, при што од романска страна беше изразена подготвеност за размена на искуства и поинтензивен билатерален дијалог. Беа разменети информации за очекувањата од претстојните ЕУ избори.

-Северна Македонија е особено задоволна за одличната синергија меѓу приоритетите на романското претседавање со Советот на ЕУ и стратешките цели и приоритети на нашата држава, како борбата против расизмот и ксенофобијата и охрабрување на толеранцијата и солидарноста, што е на линија на нашите залагања за европеизација на нашето општество, истакна Димитров.

Во рамки на официјалната посета, наведуваат од МНР, денеска Димитров ќе има обраќање на Националната школа за политички студии и јавна администрација, на темa „Политичката транзиција во Северна Македонија и нејзиното членство во НАТО и ЕУ”, како и гостување на телевизискиот канал DIGI 24, во емисијата Дипломатски пасош. (Линк за следење во живо на предавањето на Универзитетот:https://www.facebook.com/SNSPAoficial). 

Треба да знаете
Последни објави