Search

Димитров: Да му дадеме добар аргумент на Берлин да ни помогне

Ја гледаме новата методологија како голема можност. Нема од што да се плашиме. За тие политичари што сакаат да продолжат со блефирање, да се преправаат дека се реформираме и дека Европа е заинтересирана за проширување, новата методологија ќе биде проблематична, но оние што сакаат вистински европски начин на живот, во секоја смисла, нема од што да се плашат, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната онлајн панел дискусија со германскиот државен министер за Европа Михаел Рот и албанскиот колега Гент Цакај.

Би сакале, додаде, да им покажеме на скептиците дека со новата метологија проширувањето може да профункционира.

Во однос на земјава и реформите, клучно ќе биде, потенцира Димитров, да се држиме до фундаментите: владеење на правото, борба против корупција, слободни медиуми, човекови права. Ако дозволиме политизација, процесот, повторно ќе излезе од колосек.

-Целта е да станеме вистинско европско општество, вистинска европска демократија, да ја донесеме Европа тука, кај нас, да имаме европски живот дома, а не да се селиме во земјите – членки на ЕУ, истакна Димитров.

И според него, како што истакнаа и Цакај и Рот, и ЕУ и Западен Балкан ќе добијат ако Регионот стане Југостиочна Европа, што веќе географски е.

Во врска со изборите, Димитров рече дека земјава ќе стори се за тие да бидат фер и слободни, да добиеме добар извештај од ОБСЕ/ОДИХР и со тоа да му дадеме добар аргумент на Берлин да ни помогне.

-Иако можеби долгоочекуваното зелено светло за почеток на пристапни преговори сите посакувавме да го одбележиме на начин на кој му прилега, можеби токму што се случи за време на кризата со пандемијата, додава на симболиката за тоа каде бевме и колкави планини изодевме, за да добиеме заслужена шанса да отпочнеме еден процес во кој ќе покажеме дека нашето место е во Европската Унија. И покрај сите неизвесности наметнати од пандемијата, ова недвосмислено признание дадено за време на хрватското ЕУ претседателство, решени сме да го ефектуираме понатаму со помош на нашите германски пријатели за време на нивното претседателство со Советот на ЕУ, рече шефот на дипломатијата Димитров.

Панелот беше на тема „Што значи почетокот на пристапните преговори за Албанија и Северна Македонија?”, а го организираше Фондацијата Фридрих Еберт.

Треба да знаете
Последни објави