Search

Димитријевиќ: Важно е младите да се вклучени во сите одлучувачки процеси во државата

Роден и израснат во Автокоманда  со само 28 години Александар Саша Димитријевиќ е носител на советничка листа за општина Гази Баба на СДСМ. 24 инфо го праша како е да се биде еден од најмладите носители на советничка листа во Македонија на овие локални избори, дали младите се доволно застапени на раководни функции во државава, што да очекуваат граѓаните на Гази Баба по локалните избори?

По струка дипломиран економист на отсек финаниски и банкарски менаџмент. Моментално директор на Медицински симулациски центар, установа во рамки на Министерството за здравство. Активен учесник во креирање на младински политики како на локално така и на централно ниво во изминатите години. Голем љубител на животни, дружба со пријатели и спорт. Вака на кратко се опишува себе си Димитријевиќ.

Сметате ли дека младите се доволно застапени на раководните позиции во државава?

Ако се водиме според старата народна изрека, дека светот и иднината останува на младите, ќе мора многу посериозно да поработиме за да си ја обезбедиме иднината. Дефинитивно во последните години драстично е променета сликата и застапеноста на младите на раководни позиции и важно е младите да се вклучени во сите одлучувачки процеси затоа што иднината е обврска на младите генерации. Доказ дека младите го заслужуваат своето место на раководни позиции се и неколку позитивни примери во изминативе години каде што им се пружила можност на младите да менаџираат важни институции како на централно така и на локално ниво и истите ја оправдале довербата.

Одзема ли многу време партискиот активизам со оглед на тоа што моментално сте директор на Медицинскиот симулациски центар?

Времето го делам на до 16:00 и после 16:00. Партиските активности секогаш ги креираме после работното време и за време на викендите. Дефинитивно добар дел од слободното време го имам посветено на партискиот активизам, но никогаш не дозволувам сето тоа да се почувствува на работните обврски во МСЦ. Олеснителна околност е единствено тоа што се чувствувам исполнет и среќен и во двете работи што ги работам па помалце го чувствувам недостатокот на слободно време.

Останува ли време за некое хоби,прошетки, дружење со пријатели … Што правите во слободното време и како го поминувате?

Слободното време во главно го користам на дружба со пријателите, често пати вечерите ги поминуваме во натпреварување во sony playstation и секако секогаш сум во победничкиот тим J
Поради брзото темпо на живот и нездравиот начин барем еднаш неделно практикувам да имам спортски активности и тоа најчесто е фудбал. А кога не играме фудбал, заедно со другарите секој слободен викенд ги следиме натпреварите на Фудбалскиот Клуб Скопје, гордоста на Автокоманда и Гази Баба. Сето ова ме исполнува, но дефинитивно највеќе од се уживам во дружбата и прошетките со мојот две ипол годишен внук, Марко.

Што да очекуваат граѓаните од новиот Совет на општината?

Пред се можат да очекуваат искрен и чесен пристап. Директната комуникација е клучна за решавање на секојдневните проблеми на граѓаните. Советниците мора да бидат вистински сервис и да делуваат во корист на граѓаните бидејќи се избрани токму од нив.

Промена на перцепцијата на тоа што значи еден општински советник. Промена на општото мислење дека советот е составен од 27 луѓе којшто само креваат рака и користат пари од народот. Како млад човек којшто се гледа во политиката на подолг рок, сметам дека мораме да почнеме чекор по чекор да ги менуваме работите ама пред се давајќи сопствен пример.

Подостапни советници, советници којшто ќе знаат да ги пренесат потребите на граѓаните слушајќи ги реалните потреби од терен а не водени според тесно партиски интереси. Советници којшто ќе бидат поддршка и потпора на градоначалникот но и реален критичар и коректор на неговото работење. Мораме сите заедно да се избориме за функционален совет во којшто нема да владеат никакви поделби а единствена поделба да биде на оние којшто сакаат навистина да направат нешто за својата општина и оние другите којшто се дојдени само поради финансискиот бенефит од учеството во советот. Советот во следните четри години мора да има зацртани јасни цели по којшто треба да се движи а приоритет да се стави на заштита на животната средина (нешто што е основен предуслов за сите други проекти), планска градба и развој, и конкретни проекти за подобрување на секојдневието на младите.

(В.А.)

 

Треба да знаете
Последни објави